- јули 7, 2020
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Начини на намалување на ефектите на климатските промени во секторите “Природни ресурси” и “Јавно зеленило” како и секторот “Справување со ризици и катастрофи”.
Сектор “Природни ресурси”
Климатските услови имаат значително влијание врз природните системи. Живиот свет со милиони години се развива во променливи климатски услови, поради што има способност да им се приспособи. Природните зачувани екосистеми имаат поголема еластичност и способност за приспособување /адаптација на промените. Оттука значењето на заштитените подрачја е во нивната улога, со примена на посебни режими на заштита, да се зачува адаптивниот потенцијал на екосистемот на што поголемо подрачје.
Активностите на Град Скопје се во насока на задоволување на наведените мерки:
- Изготвени студии за ревалоризација на веќе заштитените подрачја и иницирање на нивна презаштита до МЖСПП (парк — шума Водно, карактеристичен пејсаж Гази Баба и споменик на природата Кањон Матка, 2010/2011 година)
- Прогласување на парк на природата Гази Баба, 2015 год,
- Изготвени студии за валоризација на нови природни подрачја заради нивна заштита (пештера Дона Дука, пештерите на Матка, Жеденски масив, Скопска Црна Гора, заштитен коридор Водно — Сарај — Матка),
- Заштита на пештерата Дона Дука и доверување на управување на општина Сарај,
- Изготвена Стручна основа за паркот на природата Гази Баба,2016/2017 год,
- Изготвен план за управување со паркот на природата Гази Баба, 2019 год,
- Во фаза на донесување е одлука за прогласување на парк на природата Водно, во тек,
- Изработка на Карта на биотопи, во тек,
- Изработка на Преглед на Рипариски хабитати со Акциски план, 2019 год,
- Реализација на неколку активности од Акцискиот план за Рипариски хабитати, во тек.
Сектор Јавно зеленило
Површините под вегетација, кои природно обезбедуваат сенка, ладење, задржување на атмосферската вода, депонирање и инфилтрација, со процесот на урбанизација се заменети со непорозни изградени површини. Со тоа се предизвикуваат изменетите режими на размена на енергија, што резултира со создавање урбани топлотни острови и промена на хидрологијата на урбаното подрачје, што води кон зголемено површинско истекување на дождовните води. Ако се земат предвид и климатските промени и екстремните временски појави, кои ваквите неповолни ефекти ќе ги засилат, постои итна потреба за развој и заштита на урбаната зелена инфраструктура.
Градот Скопје последните години го наметнува прашањето на зголемување на зелените површини во градот и спроведува соодветни активности:
- Барајќи го својот соодветен пристап за развој на зелената инфраструктура, Градот Скопје изготви Студија за озеленување, во 2015 година, по што започна со реализација на препораките на Студијата за озеленување:
- Обезбедување реални просторни, квантифицирани и квалитативни податоци за јавното зеленило преку изработка на Зелен катастар на град Скопје, во фази, со почеток во 2015 година, кој сеуште се дообработува и збогатува (во 2020 година се изработува снимање и евидентирање со атрибути на зеленилото во дворовите на средните училишта на Град Скопје). Во рамки на овој проект обработени се податоците за еколошките атрибути на евидентираното зеленило.
- Проучување на можноста за воспоставување зелени коридори, со изработка на Студија за воспоставување зелени коридори по течението на реките Серава и Лепенец, 2016/2017 год, а во завршна фаза е иизработката на техничка документација — изведбени планови за формирање на овие зелени коридори.
Исто така, Градот Скопје работеше и на реализација на активности од Акциониот план на Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени, и тоа:
- Изработка на Зелен кров на покривот на ГТЦ, 2019 год, а во тек е подготовка на уште еден зелен кров,
- Во тек е изведба на првата Урбана градина на град Скопје, 2019/2021, во општина Аеродром, која ги обединува заинтересираните жители во заедничките организирани напори за производство на здрава храна по правила на пермакултурата.
Сектор Справување со ризици и катастрофи
Градот Скопје има свој препознатлив профил на ризици. За градот Скопје, посебно карактеристична е појавата на опасности кои се поврзани со климатските и метеоролошките влијанија, а се изразени со многукратно високи вредности на загадување на воздухот, екстремните временски појави како што се топлотни бранови во лето и студени бранови во зима, свлекувањето на земјиштето, поројни врнежи проследени со луњи и грмотевици, силни ветрови, како и долготрајна магла која се задржува во скопската котлина.
Советот на Град Скопје во 2008 год донесе Процена за заштита и спасување на град Скопје, во 2010 година План за заштита и спасување на Град Скопје, а во 2015 година Советот на Град Скопје ја донесе Процената на загрозеност на подрачјето на Град Скопје од сите видови ризици и опасности. Во тек е изготвување на ажурирана Процена на загрозеност на Град Скопје. Инаку, она кон што Град Скопје стреми е изработка на проценка на сите ризици и хазарди за град Скопје и општините во град Скопје, нивно мапирање и инкорпорирање во урбанистичките планови.
Конкретните проекти реализирани во овој сектор се од повеќе области:
- Врз основа на Студијата за моделирање на поплави со пилот модел за рано предупредување, 2016/2017 год, изготвен е Оперативен план за поплави за Град Скопје, 2019,
- Студија за ерозија за Скопски регион, 2017 год, со План на активности за секоја од 17-те општини и Градот Скопје,
- Техничка документација за разрешување на проблемот со пороите на Скопска Црна Гора, 2018 год (прва фаза) во соработка со Скопски плански регион и неколку општини од регионот,
- Преглед на потребните активности за ревитализирање на постоечкиот систем за заштита од порои и ерозија на планината Водно, 2019 год,
- Проект за хортикултурно уредување на падините на Скопската тврдина заради заштита од ерозија, 2020 год (во тек),
- Надворешен план за заштита од технолошки катастрофи, 2019 год, изготвен врз основа на внатрешните планови на инсталациите кои произведуваат или складираат опасни материи, утврдени со закон.
Овој напис е дел од серијата објави: Град Скопје — урбана отпорност и климатски промени. Прочитајте повеќе за останатите сектори: Урбана отпорност – Водни ресурси, Урбана отпорност – Здравство.