- јули 7, 2020
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Република Северна Македонија има донесено Стратегија за справување со климатските промени во здравствениот сектор, како и акциски планови за справување со топли и ладни бранови. Претставници на Град Скопје беа дел од тимот на изготвувачи на овие документи. Резултат на оваа соработка е вклучувањето на здравствениот аспект во активностите од областа на животната средина. Имено, станаа јасни две работи: (1) Грижата за заштита на животната средина е неделива од грижата за здравјето и благосостојбата на луѓето и (2)Намалувањето и ублажувањето на последиците од климатските промени врз здравјето на луѓето не е само задача на здравствениот сектор, туку на целиот општествен систем, вклучително и на Градот Скопје.
Во рамки на секторот Здравство во Отпорно Скопје Стратегија за климатски проемни, покрај другото, е укажано на потребата од здрава вода и чист воздух, за зачувување на здравјето на луѓето. Бидејќи проблематиката на водите е опфатена во секторот Водни ресурси, таа не е предмет на активности во овој сегмет.
Квалитет на воздух
Во рамки на активностите за заштита на воздухот, за издвојување се следните: согласно обврската произлезена од Законот за амбиентниот воздух, Градот Скопје донесе План за подобрување на квалитетот на воздухот во Скпската агломерација, 2017 год,(сеопфатен документ со конкретни акции за делување во насока на намалување на загадувањето на воздухот и негова заштита) и Краткорочен акционен план за заштита на воздухот, 2017 год, (документ за воспоставување протоколи и конкретни краткорочни акции при надминување на праговите за информирање и праговите за алармирање за поедини загадувачки супстанци).
Во изминатата деценија Градот Скопје спроведуваше проекти со мерења, анализирања и согледувања на состојбата со квалитетот на амбиентниот воздух, а во последниве години, по дефинирање на изворите на загадување со ПМ10 (најголемиот проблем на Градот), реализирани се следните проекти: Елаборат за испитување на загадувањето на амбиентниот воздух од согорување на дрвото, 2017 год и Елаборат за испитување на загадувањето на воздухот од сообраќајот, 2017 год. За двата проекти е реализирана и втора фаза во 2019 год.
Двата клучни документи, Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени и Планот за подобрување на квалитетот на воздухот, предвидуваат мерки, односно активности за субвенционирање на граѓаните за преземање мерки за заштита на воздухот, па Градот Скопје ги воведе субвенциите на граѓаните во втората половина на 2016 година.
Во континуитет се реализира субвенционирањето за набавка на поеколошки средства за затоплување на домаќинствата, за чистење на оџаците, за набавка на алтернативни средства за превоз и за истите се обезбедени средства од Буџетот на Град Скопје.
Така од 2016 година се започна со субвенционирање на граѓаните за набавка на печки на пелети, инвертери, велосипеди, електрични тротинети и за ќистење оџаци. Во периодот 2016–2019, Град Скопје субвенционирал набавка на 1.379 инвертери, 1.473 печки на пелети, 10.594 велосипеди, 313 електрични тротинети и чистење на 634 оџаци, за што биле реализирани средства во износ од околу 85.000.000 денари.
Скопје Здрав град
Градот Скопје, презентирајќи ги состојбите во животната средина од една и актуелните и планираните активности во таа сфера од друга страна, е примен во семејството на Здрави градови во 2016 година. Европската мрежа на Здрави градови е дел од Светската Здравствена Организација. Во оваа мрежа се вклучуваат оние градови кои се подготвени да го постават здравјето на граѓаните како приоритет во работата на градските управи. Според Европската мрежа на Здрави Градови, на здравјето на граѓаните секогаш битно влијааат и дополнителни фактори како што е состојбата во животната средина. Токму поради ова, решенијата за подобрување на здравјето се бараат и надвор од здравствениот сектор. Мрежата на Здрави Градови смета дека решенијата за подобро здравје на граѓаните се и во локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и бизнис секторот.
Градот Скопје е единствен град во нашата држава кој може да се пофали со ова престижно членство и се обидува со помош на МЗ и ЈЗУ ИЈЗ да го сподели своето искуство и да ги анимира останатите градови и општини.
Градот Скопје во соработка со ЈЗУ ИЈЗ го изработи Здравствениот профил на град Скопје, 2019 год, сеопфатен документ за здравствената состојба на граѓаните и причините за нарушување на истата. Во следниот период претстои изработка на Акциски план за здравје на град Скопје. Изготвувањето на овие два документи е обврска на Град Скопје од членството во Здрави градови.
Активности во сферата на здравјето и благосостојбата
Заради подобро разбирање на состојбите и изнаоѓање на причините за различни нарушувања на здравјето, како основа за планирае на понатамошните активности, Градот Скопје ги реализираше следните проекти:
– Испитување на дистрибуцијата на тешки метали во растенијата за исхрана, 2016 год; Активноста е надоврзана на спроведениот геохемиски мониторинг на тешки метали во Скопската котлина, во 4 фази во периодот 2009–2013 год, со испитување на зеленчукови растенија во евидентираните жешки точки;
– Испитување на последиците од загадувањето на воздухот врз здравјето на луѓето со посебен осврт на децата од претшколска и школска возраст, 2017/2019;
– Систематско испитување на радиоактивноста во животната средина на подрачјето на град Скопје, 2018/2019, 2019/2020.
Урбани топлотни острови
Во 2018 година Град Скопје стана дел од EPICURO, двогодишен проект финансиран од Генералниот директорат за цивилна заштита и хуманитарна помош на ЕУ, а чија цел беше да се споделат добрите практики за урбана отпорност и прилагодување кон климатските промени применети на интернационално, европско и локално ниво. Во најголем дел, градовите учесници во проектот работеа на изготвување на своите стратегии за климатски промени, а Град Скопје, кој тоа веќе го имаше постигнато и воедно беше подготвен да работи на проблемот на урбаните топлотни бранови, реализираше еден убав пилот проект со кој докажа дека асфалтните површини во градот, обоени со бела боја, имаат температура драстично помала од околните асфалтни површини, а скоро иста со зелените тревни површини. Резултатите беа поткрепени со снимки од термална камера.
Урбаните топлотни острови во Скопје, се вообичаен феномен во текот на летниот период. Намалувањето на зелените површини и зголемувањето на употребата на енергија од фосилни горива, се меѓу главните причини заедно со зголемување на густината на населението на градот.
Топлотните острови придонесуваат за загадувањето на воздухот во лето во Скопје, со очигледен пораст на концентрациите на озон, што се должи и на густиот градски сообраќај. Овој вид на загадување на воздухот значително придонесува за зголемен кардио респираторни морбидитет и морталитет за време на топлотни бранови. Поаѓајќи од овие согледувања, изготвени се Анализа на урбаните топлотни острови во Скопје со далечинска детекција, 2017 (со примена на дронови) и документ Урбани топлотни острови во Скопје — Анализа и Акциски план, 2018. Во почетна фаза е изведба на Зелен паркинг на постоечки паркинг простор во Скопје, како прв проект од тој вид, предвиден со Акцискиот план.
Во 2019 год Град Скопје во соработка со компанијата Gehl од Данска (на познатиот светски архитект Јан Гел), изготви Стратешкиот документ за редизајн на јавните простори во централното градско подрачје на Град Скопје. Документот опфаќа анализа на клучните аспекти, предизвици и потенцијали на јавните простори во Малиот ринг на град Скопје и дава стратешки препораки за редизајн и унапредување на јавните простори во градот. Стратешките препораки ќе го подобрат квалитетот на животот на луѓето и ќе го направат градот поотпорен на климатските промени.
Стакленички гасови
Со цел да се исполни заложбата од потпишаната Повелба на градоначалниците за клима и енергија и истата да се преточи во конкретни мерки и проекти, Градот Скопје во 2011 година подготви Референтен инвентар на стакленички гасови и Акциски план за одржлив енергетски развој, кои ги содржат главните активности што ќе се преземат за да се намалат емисиите на стакленички гасови, но само за секторите згради, јавно осветлување и транспорт. За потребите на изработката на Стратегијата за климатски промени, се подготви детален Инвентар на стакленички гасови за 2008 и 2012 година, со главна цел — да се дадат конзистентни пресметки за двете избрани години, за да се набљудува насоката во која се движат емисиите на стакленички гасови во градот. Оваа база на податоци се искористи како основа за изработка на Стратегијата за климатски промени на градот Скопје.
Во следна фаза беше изработен Ажуриран инвентар на стакленички гасови за периодот 2013, 2014 и 2015 година, со што се доби можност за споредување на состојбите со емисии на стакленички гасови. Проценетите емисии на стакленички гасови во рамките на инвентарот покажуваат дека вкупните емисии на Град Скопје се намалени за 21,6% во периодот 2008–2015 година. Намалувањата на емисиите главно се должат на смалените емисии од индустриските процеси и од согорување на горивата што се користат во преработувачката индустрија и градежништвото (во рамките на секторот стационарна енергија) поради пониско производство од индустриските гранки во градот Скопје со текот на годините. Намалената потрошувачка на енергија во станбените и институционалните згради, исто така придонесува за намалување на вкупните емисии на стакленички гасови. Од друга страна, зголемениот број на возила во транспортниот сектор резултира со зголемување на емисиите од овој сектор. Друг сектор кај кој се забележува зголемување на емисиите, иако помало, е сектор за отпад.
Во тек е изработка на Инвентар на стакленички гасови за Град Скопје за периодот 2016, 2017 и 2018 година.
Енергетска ефикасност
Градот Скопје во периодот 2009/2011, во соработка со Германското друштво за техничка соработка (ГТЗ), работеше на проектот Градење на капацитети за управување со енергијата во градовите, заедно со градовите Фрајбург, Подгорица, Сараево и Загреб. Една од целите на проектот беше формирање одделение за енергетика, енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија, кое во Градот Скопје е формирано во 2010 година и работи во рамките на Секторот за локален еконоски развој (ЛЕР). Нешто подоцна, во 2011 година е отврен Инфо центар како сервис на граѓаните во областите на енергетската ефикасност и на обновливите извори на енергија.
Градот Скопје, согласно Законот за енергетска ефикасност, изготвуа Програма за енергетска ефикасност за период од три години и Акциски план за енергетска ефикасност на годишно ниво. Во рамките на овие документи се изработуваат енергетските контроли на сите објекти во надлежност на Град Скопје (административни, образовни, од областа на културата, јавни претпријатија и др.). Градот поседува база на податоци за потрошувачката на енергија за сите објекти во надлежност на Град Скопје.
Извршена е гасификација на четири средни училишта, поставена е второстепена регулација на кои се во надлежност на Град Скопје а се приклучени на централниот систем на загрвање. Заменети се прозорците во средните училишта заради постигнување на подобра енергетска ефикасност и во едно училиште е извршена целосна промена со енергетски ефикасна фасада.
Секоја година Градот организира Денови на енергетска ефикасност на Град Скопје, повеќедневна манифестација со различни активности од областа на енергетската ефикасност и обновливи извори на енергија.
Електромобилност
Град Скопје во возниот парк вбројува едно електрично возило Нисан, 6 хибридни возила Тојота, пет електрични скутери и пет електрични велосипеди, кои градската администрација редовно ги користи затоа што електричните возила не генерираат СО2 и други штетни гасови, во споредба со конвенционалните возила кои користат фосилни горива.
Формални тела
Согласно обврската произлезена од Законот за јавно здравје, како и од Акцискиот план на Отпорно Скопје, Градот Скопје формираше Совет за јавно здравје на Град Скпје, 2018 год. Во ова тело членуваат експерти за јавно здравје од различни нивоа, претставници од повеќе сектори на Град Скопје и 10-те општините во град Скопје. Советот за јавно здравје ги проучува прашањата и политиките во областа на јавното здравје, ги утврдува приоритетите за делување, изготвува мислења и дава иницијативи до Гард Скопје.
Со Акцискиот план на Отпорно Скопје Стратегија за климатски промени, предвидено е формирање на Меѓусекторска комисија за климатски промени и здравје, која ја сочинуваат експерти за климатски промени, претставници на Град Скопје и 17-те општини од Скопскиот регион (2018 год). Оваа комисија го следи процесот на адаптација на климатските промени во регионот и справувањето со последиците, за што ја обезбедува соработката во регионот; ги утврдува приоритетите и ги предвидува превентивните активности за намалување на ризикот по здравјето на луѓето, предизвикан од климатските промени; работи на рамномерна примена на мерките за заштита од климатски промени на целото подрачје на Скопскиот регион.
Овој напис е дел од серијата објави: Град Скопје — урбана отпорност и климатски промени. Прочитајте повеќе за останатите сектори: Урбана отпорност – Водни ресурси, Урбана отпорност – Природни ресурси и Јавно Зеленило.