Град Скопје — урбана отпорност и климатски промени

Градовите се ранливи на климатските промени поради големата концентрација на луѓе и добра, како и поради зависноста од инфраструктурните системи. Од друга страна, градовите се главни генератори на климатските промени и одговорот треба да се бара на местото на создавањето на проблемот.

Градот Скопје, свесен за фактот дека се почесто и се посилно ќе се јавуваат екстремни временски настани кои ќе станат вообичаена појава, а уште повеќе свесен за последиците од тие настани, кои стануваат дел од секојдневниот живот на неговите граѓани, започна да размислува за начинот на кој ќе даде свој придонес во намалувањето на проблемите кои климатските промени неминовно ги создаваат, но и како животот на своите граѓани да го направи побезбеден и посигурен.

Така, со Буџетот на Град Скопје за 2014 година беа предвидени средства за изработка на Стратегија за климатски промени за град Скопје и Инвентар на стакленички гасови. Истовремено се појави можност за соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и учество на Градот Скопје во еден меѓународен проект Зголемување на урбаната отпорност на катастрофи и климатски промени со примена на ИКТ, која веднаш беше прифатена, со што во декември 2014 година започна континуираната соработка на Град Скопје со УНДП во сферата на климатските промени, која сеуште е во тек.

Изготвувањето на Стратегијата за климатски промени првично се надоврза на веќе реализираните активности на Град Скопје во различни сектори, без нивно претходно препознавање дека се сегмент на борбата за намалување и прилагодување на климатските промени и нивните последици. Тоа беа веќе сработени проекти од областа на енергетската ефикасност, сообраќајот, јавното зеленило, комуналните услуги, заштитата на воздухот и водите, мезометеоролошките мерења, здравствениот аспект на животната средина и сл. Првично се реализираа следните документи: се изработи Инвентар на стакленички гасови за две референтни години: 2008 и 2012, (Инвентар на стакленички гасови на град Скопје: Следење на промените кај урбаните емисии на стакленички гасови, 2008 и 2012 година, 2015год), се утврди потенцијалот за намлување на емисиите на стакленички гасови во клучните сектори за ублажување, заради определување на соодветна цел за нивно намалување (Град Скопје Процена на потенцијалот за ублажувањеоктомври 2015), се спроведоа активности за утврдување на ранливоста на населението на подрачјето на Град Скопје на климатски промени (Оценка на социоекономската ранливост на населението во десетте општини на град Скопје во врска со ризикот од катастрофи и климатски промени, ноември 2016год), и се направи анализа на урбаните топлотни острови (Анализа на ефектот на Урбани топлотни острови во Скопје, Снимање со дрон за потребите на Стратегијата за климатски промени, ноември 2016год.).

За утврдување на најранливите сектори на климатски промени, со активно учество на сите засегнати страни, се примени современа алатка Foresight eXplorer, за „предвидување“ на иднината, со чија помош се овозможи генерирање на нови перцепции на широк спектар на луѓе на подрачјето на град Скопје, администрација на општинско, градско и државно ниво, граѓанскиот сектор, ученици од сите средни училишта на Град Скопје, стручни лица и експерти од различни области. Ваквата демократизација и децентрализација на напорите за планирање, даде сигурност дека самата стратегија за климатски промени, покрај резултатите на стручните анализи, ќе ги одрази и перцепциите на јавноста, жителите на град Скопје, во однос на климатскитер промени. На бројните работилници се утврдија главните сектори: Водни ресурси, Здравство и Намалување на ризици од катастрофи. Овие сектори детално се обработија и како финален продукт се добија секторски студии: Проценка на ранливоста и адаптација за секторот Водни ресурси за град Скопје, јуни 2016, Влијание на климатските промени врз здравствениот сектор на подрачјето на град Скопје, јули 2016, Моделирање на можните сценарија за поплави во градот Скопје и Скопскиот регион, 2016, Како се загреваат домаќинствата во Скопската котлина — Извештај од истаржување, јануари — септември 2017 год, Социоекономска анализа на домаќинствата кон кои треба да се насочат мерките за намалување на загадувањето — Анализа на податоците од истражувањето, август 2017 год.

Извадок од симулациите кои се дел од студијата: “Моделирање на можните сценарија за поплави во градот Скопје и Скопскиот регион”

Конечно, во 2017 година, Град Скопје можеше да се пофали со финалниот документ Отпорно Скопје — Стратегија за климатски промени, сеопфатен и високо професионално изработен, кој покрај спомнатите три главни сектори (Водни ресурси, Здравство и Намалување на ризици од катастрофи), кои се детално обработени, ги опфати и секторите Туризам, Заштитени подрачја и Јавно зеленило.

Отпорно Скопје — Стратегија за климатски промени е одговор на предизвикот за здружена акција, кој поаѓајќи од надлежностите на Градот Скопје и општините што се наоѓаат на подрачјето на Град Скопје, оцената на потенцијалот за намалување на емисиите на стакленички гасови и оцената на ранливоста на различни сектори, а истовремено следејќи соодветни добри примери и практики, го трасира патот со мерки и акции во следните десетина години за градење капацитети за урбана отпорност и справување со климатските промени. Со тоа, не само што на едно место ги собира сите релевантни акции кои Градот ги превзема со цел да биде поотпорен на климатските промени, туку со користење на иновативни алатки направи и детални дополнителни анализи како може да се развива во иднина, воедно придонесувајќи повеќе во глобалните напори да се намалат климатските промени.

Иновативен акцент во стратегијата е застапен со прикажување на придонесот на акциите кон одржливиот развој, преку задоволување на поединечните цели за одржлив развој на Обединетите нации.

Акцискиот план на Отпорно Скопје — Стратегија за климатски промени, со неговото донесување, но и пред тоа, паралелно со изготвување на Стратегијата, стана извор на планирани активности, како дел на годишните програми на активности во областа на животната средина и годишните буџети на Град Скопје. Реализирани се бројни активности предвидени за подобрување на состојбите во секторите опфатени со Стратегијата за климатски промени, дел самостојно од Град Скопје, но повеќето во соработка со УНДП. По завршување на првичниот договор со кој започна соработката со УНДП во сферата на климатските промени, се потпиша нов договор во 2018 година: Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени, кој е сеуште активен и во чии рамки се реализираат многу активности.

Во следните објавени написи ќе можете да прочитате повеќе за одделните сектори во кои Град Скопје развива и имплементира мерки и алатки со цел ублажување на негативните ефекти од климатските промени.

Прочитајте повеќе: Сектор Водни ресурси, Сектор Природни ресурси и Јавно зеленило, и Сектор Здравство.