ЈАВЕН ПОВИК за субвенционирање на граѓаните за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување за 2020 година

Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на град Скопје (домаќинствата) за употреба на високоефикасни инвертер клима уреди за затоплување на своите домови, кои се поекономични, енергетски поефикасни и еколошки прифатливи за околината, на жителите кои имаат купено високоефикасен инвертер клима уред во 2020 година ќе им ги надомести трошоците направени при набавка на уредот не повеќе од 62.000,00 денари во нето износ по домаќинство. Исплатата на средствата ќе биде реализирана по завршување на парламентарните избори 2020 година. Персоналниот данок ќе биде на товар на Град Скопје,

Јавниот повик ќе трае заклучно со 30 ноември 2020 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, во зависност од тоа кој услов ќе настапи прв.

Доколку бидат исцрпени сите предвидени финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена, Градот Скопје ќе ја информира јавноста на својата веб страна дека Јавниот повик е прекинат пред истекот на периодот за кој е објавен.

Јавниот повик ќе се реализира по принципот „прв дојден прв услужен“.

Линк за аплицирање: https://www.surveymonkey.com/r/gradskopje-inverter2020

Линк до сите документи: https://drive.google.com/drive/folders/1o4DhlHaN_pkX7xiMH1_vtqVmeqTcvhC6?usp=sharing

Заради технички надоградувања на Surveymonkey системот, формата за аплицирање ќе биде недостапна од 3ти Јули 17:00 часот до 4ти Јули 8:00 часот.

  1.  Право на учество на Јавниот повик:

2.1 Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на градот Скопје (во општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај) кои имаат купено високоефикасен инвертер клима уред за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) во период од 01.01.2020 година се до завршување на Јавниот повик и ќе поднесат барање за надоместување на трошоците.

2.2 На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење  без оглед на тоа дали го користат, кои имаат техничка можност за приклучување кон системот за централно греење и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот. 

  1. Услови што треба да ги исполни барателот:

3.1 Барателот треба да ги исполни следните услови:

  • да има живеалиште на подрачјето на град Скопје (општините: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај),
  • да нема искористено субвенции за затоплување (печки на пелети/инвертери) на своето домаќинство (станбен објект) од Градот Скопје;
  • до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут,
  • да ја предаде постојната печка на јаглен, дрва, нафта или мазут на Град Скопје или на службите на јавните претпријатија на Град Скопје. Местата и времето за предавање на старите печки ќе бидат дополнително определени, а за тоа граѓаните ќе бидат известени на интернет страницата на Градот Скопје: skopje.gov.mk;
  • набавениот уред да биде купен во 2020-та година се до  завршување на Јавниот повик, истиот да биде исплатен во целост и да биде инсталиран на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот;
  • набавениот уред задолжително да ги има најмалку следните карактеристики: да има најмалку COP 3.5, да грее на надворешна температура од -15°C и биде најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење;
  • станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее;
  • да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што ќе биде инсталиран уредот, без оглед на тоа дали го користи, и
  • да нема техничка можност за приклучок на системот за централно греење.
    • За барателите кои имаат новоизграден станбен објект, а немаат никакво греење и немаат приклучок на градско централно греење, не важат условите од точка 3, потточка 3.1 алинеи 3 и 4.
    • Само едно лице по домаќинство (станбен објект) може да поднесе едно барање за добивање надоместок при што барањето може да опфаќа еден или повеќе уреди, но барателот мора да ги исполни условите од овој јавен повик за сите уреди, да предаде онолку печки колку што ќе набави уреди и надоместокот на трошоците направени при набавката на сите уреди нема да надмине повеќе од 62.000,00 денари во нето износ.

Напомена: Барателот мора да ги исполнува сите горенаведени услови за неговото барање да биде усвоено. Во спротивно Комисијата доставува предлог до градоначалникот на Град Скопје за неусвојување на барањето.

  1. Начин на пријавување на Јавниот повик

4.1 За надоместување на трошоците и докажување дека условите се исполнети, барателот до Град Скопје треба да достави:

  • потпишано и скенирано барање за надоместок (Барањето може да се обезбеди од интернет страницата на Град Скопје: skopje.gov.mk);
  • скенирана важечка лична карта, како доказ дека е жител на град Скопје;
  • скенирана фотографија од печката на дрва, јаглен, нафта или мазут која ја користи;
  • скенирана нотарски заверена изјава дека доброволно и без надомест ќе ја предаде постојната печка на дрва, јаглен, нафта или мазут на Град Скопје или на службите на јавните претпријатија на Град Скопје и дека нема искористено субвенции за затоплување (печки на пелети/инвертери) на своето домаќинство (станбен објект) од Градот Скопје (пример на изјавата ќе биде објавен на интернет страницата на Градот Скопје: skopje.gov.mk);
  • скенирана оригинална потврда, заверена со потпис и печат од продавачот, дека набавениот инвертер клима уред е високоефикасен т.е. ги исполнува следните минимални карактеристики: има најмалку COP 3.5, грее на надворешна температура од -15°C и е најмалку А+ енергетска класа за потрошувачка на електрична енергија за греење (пример на потврдата ќе биде објавен на интернет страницата на Градот Скопје: skopje.gov.mk);
  • скениран оригинален доказ дека е извршено купување во 2020 година и тоа со само една фискална сметка или фактура со извод од деловна банка за извршена уплата во целост, и
  • скенирана трансакциска сметка.
    • Барателите кои имаат новоизграден станбен објект, а немаат никакво греење и немаат приклучок на градско централно греење не треба да ја достават документацијата од точка 4 потточка 4.1 алинеи 3 и
    • Барателот треба барањето и документацијата во прилог да ги прикачи скенирани на платформата за онлајн аплицирање објавена на интернет страната на Град Скопје skopje.gov.mk,
    • Пристигнатите барањата со пропратната документација на платформата за онлајн аплицирање објавена на интернет страната на Град Скопје skopje.gov.mk ќе бидат евидентирани со точното време на поднесување (датум, час и минута), заради воспоставување редослед по кој ќе се разгледуваат барањата.
    • Во случај на неуредна и некомплетна документација, Комисијата ги отфрла барањата како нецелосни веднаш по нивното разгледување и ги известува барателите по електронски пат. Барателите имаат право повторно да поднесат барање се додека трае јавниот повик.

Напомена: Барателот мора да приложи комплетна документација во прилог на барањето согласно точка 4. Во спротивно, барањето ќе му биде отфрлено.

  1. Начин на спроведување на јавниот повик

5.1 Градоначалникот на Град Скопје формира Комисија за спроведување на Јавниот повик која ќе ја спроведе постапката во три фази:

  • во првата фаза ќе ги разгледа пристигнатите барања и документацијата дадена во прилог со цел да утврди дали истите се уредни и комплетни;
  • во втората фаза Комисијата врши детален увид во уредно доставената документација од точка 4 заради утврдување на исполнување на условите од точка 3 на овој Јавен повик, и
  • во третата фаза ќе врши преглед на потврдите за предадените стари печки и ги приклучува кон уредно доставената документација од точка 4.
    • Комисијата го задржува правото да изврши теренски увид кај баратели кои имаат доставено уредна и комплетна документација за да утврди дека ги исполниле условите од овој Јавен повик. Барателот е должен да и овозможи пристап на Комисијата до станбениот објект и просторијата во која е инсталиран набавениот високоефикасен инвертер клима уред.
    • За пристигнатите и обработени барања од точка 5, потточка 5.1 алинеја 1, ќе се води листа со следните податоци:
  • име, презиме и адреса;
  • датум и час на пристигнатата пријава на Јавниот повик, и
  • износ на надоместокот за барателот.
    • Исплатата на одобрените средства ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати барања по принципот „прв дојден прв услужен“, по претходно донесени решенија за усвојување на барањата од страна на градоначалникот на Град Скопје, и
    • По завршување на целокупната постапка  барателот треба да овозможи пристап на Комисијата до станбениот објект и просторијата во која е инсталиран уредот и во наредните 2 години, а по завршување на Јавниот повик.
  1. Начин на остварување на правото на надоместок

Градоначалникот на Град Скопје на предлог на Комисијата носи решение за усвојување на барањето за барателите кои ги исполниле условите од овој Јавен повик, а во случај на неусвојување на барањето на предлог на Комисијата, Градоначалникот на Град Скопје дава  писмено  известување  за неусвојувањето.



1 Коментар

  • Ќамилов Румен

    Почитувани
    ја ценам иницијативата на градот за подршка на еколошките начини на греење и смлувањето на аеро загадувањето кое е навистина сериозен проблем особено во зимските и преодните периоди.
    Подржувајки ја вашата акција,би сакал да укажам на уште една можност која градот би требало да ја разгледа која ја изложувам како предлог подолу и која во заеднички разговор ја посочив во разговорот со вашиот стручен соработник во секторот за енергетска ефикасност.
    Мојата професија е Електро инженер и затоа се чувствувам повикан да сигнализирам за една поинаква еко акција која би претставувала надградба на проектот за еко фасадите на град Скопје
    но и начин за подобрување на квалитетот на живеење со сериозни заштеди во поричникот на граѓаните.
    Се работи за нов проект под наслов

    ЕКОЛОШКИ И ЕНЕРГЕТСКИТЕ ПРЕДНОСТИ И ЗАШТЕДИ СО

    СОВРЕМЕНИ РЕШЕНИЈА НА ПЕТИТЕ ФАСАДИ НА ГРАДОТ

    Претходните проекти за еколошките фасади во градот кој владата ги реализираше во минатите периоди ,дадоа несомнино добри резултати и заштеда во потрошената енергија за греење и ладење.

    Сепак, покривите на градот (петтата фасада) и нивното адаптирање со системи за енергетска ефикасност се природно и нужно надградување на предходниот проект за еко фасадите..
    Станува јасно е дека стандардните покриви кои се применуват но нашата регија не се соодветни на климатските прилики и инсолацијата особено изразени при живеењето во најгорните катови и поткровјата во град Скопје.
    Со едноставни решенија ( на пример со ползување на светли и рефлектирачки покривни елементи како и сендвич елементи) може да се добие огромно подобрување на термичките својства на покривните површини.
    Моите искуства (живеам во поткровје во зграда во центарот на градот) покажуват дека моите сметки за електрична енергија во летните месеци се и до ТРИ ПАТИ поголеми од просечните износи !!!
    Доколку се пресметат заштедите во енергија на целото потковје ке излезе дека со релативно мала инвестиција во поткровната конструкција инвестицијата само во летниот период би била исплатлива за период од 3 години.Несомнено, подобрената термо заштита би донела и дополнителни заштеди во топлина и во останатите периоди на годината.
    Околу овој проект веке се направени почетни разговори со факултетите по архитектура заради конкретните можни решенија на еколошките поткровја и ЕКОЛОШКИТЕ ПЕТИТЕ ФАСАДИ НА ГРАДОТ.

    Спремен сум заедно со тимот на Професори и архитекти да го изложиме овој проект пред вашите стручнни лица и оделенија за енергетска ефикасност и да понудиме заедничка соработка

    со изрази на почит
    Румен Ќамилов Дипл инж

    Скопје 20.07.2020

Comments are closed.