Размислувај глобално – делувај локално за одржливо Скопје

Што е ЛЕАП?

Урбанизацијата, својствена за економскиот и културниот развој, брзиот растеж на населението што не е следен со соодветни инвестиции во услуги, застарената технологија во индустријата, зголемениот транспорт што не е адаптиран во однос на животната средина, канализационите системи што предизвикуваат директни емисии на отпадни води од индустријата и домаќинствата во реките и почвата, незадоволителното управување со отпадот и слично, се проблеми со кои се соочуваат општините во нашата држава.

Развојот на економијата не може да се спречи, но потребно е да се насочи така како би станал помалку штетен за животната средина. Соочувајќи се со проблемите со животната средина, локалниот акционен план за животна средина (во понатамошен текст ЛЕАП) има значајна функција во утврдувањето и апликацијата на принципите на одржливиот развој на локално ниво и во создавање основа за вистинско функционирање на локалната демократија, за креирање економија која ќе ги вградува вредностите на водите, воздухот, земјиштето, биодиверзитетот, природните вредности и реткости, во насока на обезбедување подобар стандард на живеење на граѓаните и одржливо користење на ресурсите во секоја општина.

ЛЕАП-от претставува највисок локален стратешки документ за заштита, планирање и управување со животната средина. Како стратешки документ од суштинско значење, ги детектира актуелните состојби во областа на животната средина и усвојува соодветни краткорочни и долгорочни мерки за разрешување на идентификуваните проблеми за граѓаните на општините.

Од каде произлегува изработката на ЛЕАП 3 за град Скопје и какво е Вашето претходно искуство?

Подготовката на ЛЕАП 3 како трет стратешки плански документ на општинско ниво, пред се е инициран од законската обрска за ревидирање на овој документ на секој шест години, но и од потребата на граѓаните за чиста и здрава животна средина во континуитет.

Во досегашното искуство на ГИМ и ИЕГЕ се вбројуваат ЛЕАПи за скопските општини Карпош и Аеродром како и за градот Битола, а во моментов ја привршуваме изработката и на ЛЕАП за Богданци. За да добиеме посеопсежен документ за град Скопје, дополнително за оваа задача се ангажирани и реномираните тимовите на ТЕХНОЛАБ и МАНЕКО Солушнс, со кои имаме одлична соработка докажана и преку гореспоментатите ЛЕАПи и останати документи за заштита на животната средина.

Што ќе е ново и иновативно во ЛЕАПот 3 за град Скопје ?

За разлика од ЛЕАП 1 и 2 за град Скопје, како и изработените ЛЕАП-и за општините во град Скопје, во овој Планот треба да се направи и анализа на можностите на Град Скопје да стане Зелен град како и да се анализираат потребните политики, мерки и активности што треба да се реализираат за да бидат задоволени условите за влегување на листата на Зелени градови.

Преку согледување на состојбите и можностите, Планот ќе создаде насоки за развој на нови тенденции кои ќе овозможат одржлив урбан развој, при што освен обработуваните тематски области, ќе се земат предвид и следните елементи на зелената економија: зелен раст, зелени работни места, зелени јавни набавки, ефикасно управување со ресурсите, циркуларна економија и нештетни технологии, еко иновации, социјални иновации и претприемништво и други мерки на зелената политика.

Како најголем проблем за здрава животна средина во град Скопје се смета дека е неодржливиот урбанизам и просторното планирање, дали ќе го анализирате и тоа?

Посебен акцент ќе се стави на урбанизмот и просторното планирање, со осврт на одржливото користење на земјиштето, негативните ефекти од преизграденост на делови од градот, ефектите од легализацијата на бесправно изградените објекти и степенот на нивна понатамошна опременост со инфраструктура и уреденост, можностите за сеуште неискористениот потенцијал на локалитетите идентификувани како brownfield локалитети, можностите и потребите од развивање на урбано фармерство, односно урбани градини и сл. како што и беше наведено во самата проектна задача.

Изминатитот период активна е анкета за ЛЕАП-от на сајтот на град Скопје, која е нејзината цел?

Учеството на јавноста при подготовка на стратешкиот плански документ од областа на животната средина за град Скопје е од витално значење и треба да се применува како алатка на партиципативната демократија во целиот процес на подготовка на документот.

Во јули 2019 година беше објавена електронска анкета (https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/anketa-za-nov-lokalen-aktsionen-plan-za-zashtita-na-zhivotnata-sredina/) која ќе биде активна до крајот на октомври се со цел да се приберат повеќе мислења–одговорени прашалници. На крајот од целиот процес ќе бидат сублимирани проблемите во областа на животната средина посочени од локалната самоуправа, проблемите од нас консултантите и најбитно од ЈАВНОСТА.

Затоа ги замолувам сите жители на град Скопје да ја пополнат анкетата и да ни помогнат при детектирање на проблемите, за кои град Скопје ќе биде обврзан во наредните 6 години да ги реши.

Што би заклучиле за крај?

Според нашето истражување во 2016 година за утврдување на еколошкиот капацитет на град Скопје, ние сме во сериозен еколошки дефицит бидејќи ги користиме природните ресурси побрзо отколку што може да се обноват, а последиците од ова се предвидливи и негативни. Затоа треба да се направат промени кои ќе го намалат нашето влијание врз природата, а воедно ќе го подобрат квалитетот на животот и животниот стандард во град Скопје. Токму преку овој стратешки документ ние како консултанти со помош на жителите на Скопје кои ќе ја одговорат анкетата, ќе и помогнеме на локалната самоуправа град Скопје во наредните 6 години да делува кон одржливост. Од сите нас зависи во каков град сакаме да живееме.

Мартина Блинкова Дончевска

Истражувач и Проектен Координатор во ИЕГЕ

Интервјуто е преземено од порталот vipheart.mk.