Велосипедско дефиле низ улиците на Скопје

Стотици граѓани со своите велосипеди и електрични тротинети денеска учествуваа во познатото велосипедско – пешачко дефиле по улиците на Скопје што традиционално се организира како дел од Европската недела на мобилност 2019. Во дефилето што тргна од паркот „Ибни Пајко“ учествуваше и градоначалникот Шилегов. Велосипедистите се движеа по улиците во центарот на градот се до целта во Градскиот парк, на Школка, и испратија силна порака за придобивките од користењето алтернативни видови транспорт.

Ме радува фактот што традиционалното велосипедско дефиле секоја година има се повеќе учесници, поддршката расте, а скопјани се се почесто на велосипед. Во рамките на Европската недела на мобилност, во текот на вчерашниот ден целосно го затворивме за сообраќај центарот на градот, а денеска со оваа манифестација покажуваме како по главните сообраќајници може да се движиме на алтернативен начин. Со користењето алтернативни начини на превоз го намалуваме сообраќајниот метеж, го намалуваме проблемот со просторот за паркирање и се грижиме за почист воздух и за почиста животна средина. Скопје е рамен град, град во кој без преголем напор може да возите велосипед и е пример како треба да изгледа еден велосипедски град. Во изминативе две години ние сериозно вложуваме во развој на велосипедската инфраструктура со цел да го стимулираме ваквиот начин на транспорт и на граѓаните да им овозможиме што полесно да стигнат од една точка до друга – рече градоначалникот Шилегов, на целта на дефилето во Градскиот парк.

Учесниците во денешното дефиле имаа можност да учествуваат и во лотарија и да добијат велосипеди.

Денешното велосипедско – пешачко дефиле по улиците на Скопје е дел од активностите на петтиот ден од Европската недела на мобилност 2019, која се организира под мотото „Пешачи со нас“. Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар“, а во организирањето на многубројните активности ќе учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, GIZ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други.