Претставен новиот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај во Скопје 2019-2021

На денешната отворена трибина на тема „Градот Скопје за подобра мобилност“ беше претставен новиот План за унапредување на велосипедскиот сообраќај 2019-2021 кој треба да биде усвоен за два дена, на претстојната седница на Советот на Град Скопје. Пред присутните граѓани, експерти од областа на животната средина и сообраќајот и пред претставниците на невладините организации беа претставени и активностите на Град Скопје за зголемување на безбедноста во сообраќајот, подготовката на проектот за рехабилитација на централното градско подрачје и зголемување на пешачката зона и проектите за заштита на пешаците со дополнително осветлување на пешачките премини и поставување копчиња на семафорите. Оваа трибина беше дел од активностите на вториот ден од Европската недела на мобилност 2019, неделата посветена на алтернативните начини на движење во градовите.

Во текот на минатата година изградивме и реконструиравме рекордни 14,6 километри велосипедски патеки во вредност од 56,5 милиони денари. Изминатата 2018 година се посветивме на градењето на таканаречените конектори кои ги поврзуваат главните велосипедски рути во Скопје, а го споивме со велосипедски патеки и Големиот ринг. Сите патеки се изведени во согласност со стандардите кои предвидуваат слеани рабници, заобиколувања на автобуските станици, соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација и заштита со столпчиња. Оваа година градиме и реконструираме велосипедски патеки во должина од над 16 километри. Изградивме и реконструиравме велосипедски патеки и велосипедски ленти на улиците Московска, 4.Јули и Даме Груев, како и на булеварите Србија и Киро Глигоров. По реконструкцијата што е во тек, ќе бидат изградени велосипедски и пешачки патеки и на улицата Благоја Стефковски. На булеварот АСНОМ кој го прошируваме во првата фаза, а потоа со мост преку Вардар ќе ги поврзува Аеродром, Центар и Гази Баба, исто така, е предвидено да има велосипедски и пешачки патеки од двете страни на коловозот. Булеварот Христијан Тодоровски Карпош, кој е во изградба, исто ќе добие велосипедски и пешачки патеки. Поврзувањето на северната и јужната страна на градот со велосипедски патеки е можеби најголемиот предизвик што го имаме, а кој очекувам да го надминеме. Со гордост можам да најавам дека за две години од сега Скопје ќе биде велоград со развиена велосипедска мрежа што ќе ги поврзува сите населби во градот – рече градоначалникот Шилегов, на трибината што се одржа во просториите на Град Скопје.

Развивањето на велосипедската мрежа е основен предуслов за унапредување на велосипедизмот како одржлива алтернатива на автомобилскиот транспорт. Со тоа, Град Скопје се бори и против сообраќајниот метеж предизвикан од прекумерната употреба на автомобилите и против аерозагадувањето кое во еден дел е предизвикано и од употребата на нееколошки горива за автомобилите.

Годинава доделивме 12 милиони денари субвенции за набавка на велосипеди со што стимулиравме над 4.000 граѓани да набават велосипеди. Доделивме субвенции и за набавка на електрични тротинети кои се исклучително популарни и се почесто можат да се видат на велосипедските патеки. Засадуваме дрвореди, живи огради и ниско зеленило за пешачењето да биде попријатно. Водиме отворена „војна“ со непрописното паркирање на тротоарите и на велосипедските патеки. За таа цел, со поставување заштитни столпчиња ослободивме пешачки и велосипедски површини во должина од над шест километри. Не знам дали се сеќавате дека до неодамна пред Министерството за правда немаше каде да се стапне од паркирани возила? Ги памтите ли Бит-пазар и улицата Максим Горки со паркирани возила на тротоарите и на велосипедските патеки? Во моментов, го ослободуваме делот кај поранешна „Мисла“ за слободно движење на пешаците и велосипедистите. Сите овие состојби кои до скоро беа дел од нашето секојдневие, сега се минато – нагласи Шилегов.

Тој додаде дека на терен интензивно работи пајак-службата на ЈП „Градски паркинг“, а значително е зголемен и бројот на казни за непрописно паркирање.

Не очекува уште многу работа, продолжуваме да работиме на менувањето на навиките на луѓето. Продолжуваме да работиме на развојот на велосипедската и мрежата на тротоари и пешачки патеки. На секој можен начин продолжуваме да ја стимулираме употребата на велосипедот како превозно средство со цел за граѓаните на Скопје да обезбедиме одржлива урбана мобилност и поквалитетна животна средина – рече градоначалникот Шилегов.

Град Скопје по 9.пат се придружува на градовите кои ја одбележуваат Европската недела на мобилност со богата агенда исполнета со квалитетни содржини за промоција на пешачењето, велосипедизмот и користењето јавен превоз како одржливи форми на урбана мобилност. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Пешачи со нас – Сигурно пешачење и возење велосипед“, и во нејзиното одбележување ќе се вклучат 2.784 градови од 48 држави од Европа и од светот. Годинешната кампања има за цел да ги поттикне граѓаните да ги сменат навиките и почесто да користат активни начини на движење или да го комбинираат пешачењето и возењето велосипед со јавниот транспорт.