Повик за поддршка на домаќинства од населба Лисиче за воведување на мерки за енергетска ефикасност

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), објавува повик за избор на домаќинства во Населба Лисиче кои ќе бидат поддржани со грант во висина до 10.000 американски долари, во денарска противвредност, со цел да воведат мерки за зголемување на енергетска ефикасност на своите домови и на таков начин да се придонесе кон намалување на загадувањето на воздухот. Финансиската поддршка за воведување на овие мерки е обезбедена од страна на Владата на Шведска преку проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“.

Мерењата на загаденост на воздухот покажуваат дека Населбата Лисиче во Скопје е меѓу најкритичните во Скопската котлина. Имајќи ги предвид местоположбата и карактеристиките на Населбата Лисиче – индивидуални објекти за домување, близната на станицата за мониторинг на квалитет на воздух на МЖСПП, растојанието од индустриските капацитети, доминантниот начин на загревање на домовите со огревно дрво и сл. – оваа зона е предложена од експертите како тест област во која треба да се спроведат мерки за зголемување на енергетската ефикасност на домовите, како еден од начините да се намали емисијата на штетни честички во воздухот.

За подетални информации околу условите и критериумите на огласот ве молиме обратете се на Марија Паунова Крстевска (телефон: 070271334; е-mail: marija.krstevska@undp.org).

КОЈ МОЖЕ ДА АПЛИЦИРА?

Можност да се јават на повикот имаат сите физички лица со постојано место на живеење во областа означена на мапата1 или во нејзина непосредна близина, кои поседуваат индивидуален објект за домување – куќа или дел од куќа, за кој постои доказ дека е во сопственост на апликантот.

Проектот поддржува спроведување на енергетско-ефикасни мерки во најмалку 100 домаќинства2. Изборот на домаќинствата ќе се направи според веќе дефинирани критериуми. Во домаќинствата избрани на повикот ќе се спроведе енергетска контрола  со цел да се направи проценка на енергетската ефикасност на објектот и да се предложат конкретни мерки за заштеда на енергија како и пресметка за трошоците за нивно спроведување. Извештајот од енергетската контрола ќе биде презентиран на секое домаќинство со цел да се усогласи/одобри начинот на кој ќе се направат предлог-интервенциите.3

Поддршката обезбедена од страна на проектот изнесува максимум 10.000 американски долари по домаќинство4, во денарска противвредност. Главен предуслов за обезбедување на поддршката е домаќинствата да бидат подготвени да кофинансираат дел од предвидените интервенции. Исклучок од ова правило се домаќинства кои припаѓаат во ГРУПА 1, кои немаат обврска да обезбедат средства за кофинансирање, односно целата интервенција ќе биде покриена од страна на проектот. Финансискиот удел на домаќинствата за кофинансирање на предвидените мерки за енергетска ефикасност ќе зависи од висината на месечниот/годишниот доход5 на сите членови на домаќинството во 2019 година, односно:

  • ГРУПА 1: Домаќинства со низок доход т.е. домаќинства кои користат право на гарантирана минимална помош, право на детски додаток, право на додаток за образование или право на социјална сигурност за стари лица, како и домаќинства кои за 2019 година оствариле годишен доход во нето износ не поголем од 180.000 денари – немаат обврска да обезбедат средства за кофинансирање на интервенциите.
  • ГРУПА 2: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 15.001 до 30.000 денари (односно од 180.001 до 360.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 30% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.
  • ГРУПА 3: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 30.001 до 54.000 денари (односно од 360.001 до 648.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 50% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.
  • ГРУПА 4: Домаќинствата кои за 2019 година имале месечен доход во нето износ од 54.001 до 70.000 денари (односно од 648.001 до 840.000 денари годишно) ќе треба да кофинансираат 70% од средствата неопходни за спроведување на интервенциите.

Поддршката обезбедена преку проектот ќе биде во вид на материјали и опрема, а не како директни финансиски трансфери на избраните домаќинства.  За кофинансирање ќе се прифати инвестирањето во опрема и/или материјали согласно препораките од енергетската контрола.

Сите информации за повикот, како и формуларите за пријавување ќе ги најдете на следниов линк:

https://www.mk.undp.org/content/north-macedonia/en/home/library/environment_energy/energy-efficiency-call.html



Напишете коментар