Повик за дизајнирање на прототип на велосипедски паркинг

Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб објавува повик за креативен и иновативен дизајн на велосипедски паркинг кој ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Ваквиот дизајн ќе ги  поттикне граѓаните да ги остават своите автомобили дома, и наместо нив, секогаш кога е можно да користат велосипеди. Поставување на велосипедски паркинг во склоп на Транспортниот центар дополнително ќе придонесе кон поттикнувње на интермодални патувања (велосипед, автобус, воз, итн.) и зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт. Затоа бидете креативни!

Повикот е отворен за сите (индивидуи, тимови и правни лица), а особено се поттикнуваат пријави од мултидисциплинарни тимови кои посебно ќе се вреднуваат, а кои што ќе достават финален продукт кој што вклучува:

  • Дизајн на модул за велосипедски паркинг + опис на технички карактеристики/спецификации
  • Дизајн на локацијата (вело пјацета)  на која ќе се постави модул за велосипедскиот паркинг
  • Предлог буџет за изведба

Наградени ќе бидат трите најдобри решенија: првонаграденото решение ќе добие 700 евра, второнаграденото 500 евра и третонаграденото 300 евра бруто сума. Избраното првонаградено решение останува во сопственост на Град Скопје.

По избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба. Од лицето или тимот кој стои позади првонаграденото решение се очекува давање поддршка на избраниот изведувач при реализација на решението.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп Лабораторија за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Градот Скопје.

Вкупниот буџет за изведба на решението е 11.500 евра. Дополнителна поддршка во вредност од 3000 евра е обезбедена за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул, и тоа за урбана опрема, озеленување, материјали за подлога и сл., односно со сè што располага ЈП Улици и Патишта, ЈП Паркови и Зеленило и Град Скопје.

Целиот повик може да го погледнете на следниов линк: https://www.skopjelab.mk/velosipedski-parking/

Повикот беше дизајниран од страна на мултидисциплинарна работна група составена од експерти и претставници на релевантни институции за време на работилницата за дизајнирање која се одржана на 10 март. Нашиот сектор активно учествуваше во работната група, а повеќе информации за работилницата може да погледнете на следниов линк: https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/odrzhana-rabotilnitsa-za-dizajnirane-na-povik-za-izrabotka-na-inovativno-reshenie-za-velosipedski-parking/