Поддршка за отворени климатски податоци – Извештај за активности

Како главен град, во градот Скопје живее 1/3 од населението во земјата и големите дневни миграции од другите делови на земјата секојдневно го зголемуваат бројот на луѓе во градот. Ова го отежнува функционирањето на градот како систем и создава бројни проблеми, не само од оперативна, административна и финансиска перспектива, туку и од аспект на животната средина. Ова беше потврдено и со пресметаниот отпечаток врз животната средина, што е крајно неповолен.

Успехот во политиките и мерките развиени на локално ниво зависи, меѓу другото, од достапноста на примарните податоци собрани од терен што овозможуваат да се согледа реалната состојба. Имајќи го предвид ова, Град Скопје преку Секторот за заштита на животната средина и природата ja поддржа подготовката на низа студии кои помогнаа да се идентификуваат главните причини и проблеми, како и можностите за дејствување. Секторот за животна средина и заштита на природата има четири одделенија: Одделение за квалитет на амбиентниот воздух, адаптација и намалување на климатските промени, заштита на бучава и нејонизирачко зрачење, Одделение за заштита и спречување на загадување на водата и земјиштето, Одделение за заштита на природата, Одделение за стратешко управување со животната средина и секое од нив реализираа многу активности во својата област.

Како резултат, градот Скопје располага со големи податочни сетови што не секогаш се користат соодветно или доволно, иако тие се јавно достапни на нивната веб-страница https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/. Со прифаќање на иницијативата за Отворено владино партнерство, Секторот се обврза да го олесни пристапот до податоците, преку акцијата 5.4. До отпорно Скопје преку достапност на податоците (од ОВП НАП4).

Отпорно Скопје е предизвик за заедничко делување, што ќе го отвори патот за спроведување на мерки и активности во наредните години, со цел да се изгради капацитет за урбана отпорност и да се подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Податочни сетови на локало ниво Град Скопје

За градот Скопје, мапирањето на податоците е направено за Секторот за заштита на животната средина и природата, врз основа на активностите од сите негови одделенија. Прво, со помош на лицата во Одделението одговорно за иницијативата за ОВП, направено е истражување за сите студии/документи и бази на податоци што се развиени. Овие документи беа идентификувани како потенцијални извори на податоци. Во тој момент, беа идентификувани 41 потенцијални извори на податоци, кои опфаќаат различни аспекти/сектори на заштита на животната средина, како што се вода, почва, зеленило, воздух, бучава, климатски промени, контрола на емисии и здравје. Со анализа на овие документи и бази на податоци, беше заклучено дека некои од нив може да произведат неколку податочни сетови. На пример, 11 податочни сетови се идентификувани од резултатите од „Истражувачки мониторинг на квантитативните и  квалитативните карактеристики на водите што го хранат бунарското подрачје Нерези-Лепенец“ (што е еден од идентификуваните извори на податоци). Од друга страна, некои од идентификуваните студии беа достапни само во текстуален формат или како PDF документи без можност да се извлечат податоци да бидат претставени како отворени податоци. Затоа, беше решено да се соберат и организираат сите расположливи податоци што можат лесно да се извлечат од идентификуваните извори и да се претворат во формат погоден за објавување како отворени податоци. Досега се идентификувани 60 податочни сетови, но овој број ќе се менува, бидејќи нови студии ќе стануваат достапни. Покрај тоа, сите идентификувани податоци се систематизирани во каталог претставен во следното поглавје.

Во следниов извештај се прикажани извадоци од каталозите на идентификуваните податочни сетови и нивната структура за Град Скопје – Сектор за заштита на природата и животната средина. Дополнително извештајот вклучува информации за глобалната иницијатива Отворено владино партнерство и заложбана на владата кон континуирано подобрување на својата работа заснована врз отворени, транспарентни, одговорни и ефикасни владини институции кои комуницираат и соработуваат со граѓанското општество.

Поддршка за отворени климатски податоци – ИЗВЕШТАЈ ЗА АКТИВНОСТИ

Support for Open Climate Data – REPORT ON THE ACTIVITES