Почна Европската недела на мобилност 2018

Со одржувањето на велопикник и велоекспо денеска на Средно Водно почна одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 во деновите од 16 до 22 септември. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, и ќе се вклучат над 2.500 градови од Европа и од светот. Целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.

Градоначалникот Шилегов присуствуваше на велопикникот и ја потпишната пристапницата за приклучување на Градот Скопје во одбележувањето на „Европската недела на мобилност“.

– И оваа година традиционално по 10-ти пат Градот Скопје учествува во Европската недела на мобилноста со голем број на настани кои почнувајќи од денес ќе се одвиваат на различни локации во градот. Водно го одбравме како локација за овој прв настан од причина што досега во изминатиот период направивме најмногу за намалување на бројот на возилата за време на викендите и државните празници. Со воведувањето на бесплатниот автобуски превоз, како и со воведувањето на наплатата на паркинзите на Средно Водно и кај Нерези успеавме да го намалиме сообраќајниот метеж кој се создаваше за време на викендите и на тој начин да ослободиме повеќе простор за спорт и рекреација. Истовремено бројот на продадени карти на жичарата остана непроменет што докажува дека на Водно нема помалку посетители во однос на периодот пред воведувањето на овие мерки.Дополнително средствата собрани од наплатата на паркирањето на паркинзите на Средно Водно и во Нерези предвидовме да се трошат за одржување на Парк Шумата Водно. Од воведувањето на наплатата на овие 2 паркинзи досега собрани се нешто повеќе од 11.000 евра – изјави Шилегов.

Градоначалникот Шилегов ги покани граѓаните да земат учество во големиот број на настани во рамките на „Европската недела на мобилност“ со цел заеднички да придонесеме кон промоција на чистата и здрава мобилност и одржливиот урбан транспорт, како и подобрувањето на јавното здравје и квалитетот на живот.

Градот Скопје и годинава ќе понуди низа активности посветени на алтернативното и одржливо движење. Во деновите од 16 до 22 септември Градот Скопје ќе организира разновидна програма која е посветена и ќе биде интересна за сите граѓани, од најмладите до највозрасните, како и за јавниот и приватниот сектор.

За утре (17.09.2018 година, понеделник) како дел од одбележувањето на Европската недела на мобилност го издвојуваме инсталирањето на станици за сервис на велосипеди (станици за поправка на велосипед, замена на гуми, пумпа) кај Железничката станица и на кејот на Вардар (кај скејт-паркот).

Во 10 часот во ЕУ Инфоцентарот ќе се одржи презентација на активностите на Град Скопје: новата веб-страница за животна средина, новиот инвентар на стакленички гасови, проектот Зелени кули и пилот проектот за намалување на урбаните топлотни острови.

Во 11 часот е закажана Третата конференција „Bike and Learn“ со фокус на акцијата за анкетирање на средношколците за нивната мобилност до училиште.

На Школката во Градскиот парк во 20 часот ќе се одржи проекцијата на документарниот филм Пред поплавата (Before the flood), а акцентот ќе биде ставен на последиците од климатските промени.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации.