ЈП „Паркови и зеленило“ подигнаа и реконструираа над 50.000 квадратни метри зелени површни

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило“ во изминативе шест месеци посебен акцент ставија на разубавувањето на Скопје со нов цветен расад. Во периодот јануари – јуни 2018 година на површина од 7.566 квадратни метри, по должината на булеварите, улиците, во парковите и во вонградското зеленило беа засадени 313.601 цвеќе од повеќе видови.

Во периодот јануари – јуни 2018 година беа подигнати поголем број нови зелени површини во Скопје, а постојните беа реконструирани. Поточно, во првата половина од годинава беа подигнати и реконструирани 50.690 квадратни метри зелени површини, односно 35% повеќе од истиот период лани, кога биле подигнати 37.557 квадрати зеленило.

По подолг период, оваа година е набавена нова механизација за ЈП „Паркови и зеленило“, за оптимално одржување на зеленилото во градот. Набавени се седум тракторски тревокосачки со корпа, 10 моторни тревокосачки, шест моторни пили, 20 моторни коси, 15 ротациони тревокосачки, 30 моторни грбни дувалки за лисја и друга опрема.

Популарните излетнички места, рекреативните центри и парковите во Скопје, пак, беа збогатени со нова урбана опрема, и тоа:

  • во парк-шумата „Водно“ се поставени четири видиковци, петнаесетина комплети со клупи и маси и две заштитни дрвени огради во вкупна должина од 280 метри;
  • во СРЦ „Сарај“ се изработени два видиковци;
  • во Паркот на природата „Гази Баба“ се изработени два видиковци; а
  • во паркот во Чаир е поставен еден видиковец и два рекреативни елементи.

Екипите на ЈП „Паркови и зеленило” одржуваат 51.837.915 квадратни метри градско и вонградско зеленило на подрачјето на град Скопје.