Град Скопје го обележа 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина

Околу 300 ученици од девет скопски основни училишта кои собраа најмногу пластични шишиња и ги предадоа за рециклирање на ПАКОМАК учествуваа во глобалното одбележување на 5 Јуни – Светскиот ден на животната средина.

Забавно-едукативниот настан што се одржа на Школката во Градскиот парк го организираа Министерството за животна средина и просторно планирање и Канцеларијата на Обединетите нации за животна средина, во соработка со Град Скопје и општините во градот, колективните постапувачи со отпад ПАКОМАК и НУЛА ОТПАД, ЈП „Комунална хигиена“, ЈСП, Титан УСЈЕ и Скопска Пивара.

– Воздухот што го дишеме и водата што ни е неопходна за живот не познаваат граници. Тие се наше заедничко богатство, но и наша заедничка грижа и обврска. Секое дете и секој човек има право на чиста и здрава животна средина. Децениската негрижа кон средината доведе до уништување на заштитените подрачја, масовна сеча на дрвјата, енормно загаден воздух. Грижата за зачувување на животната средина не бара само финансиски средства и скапи технологии, таа во прв ред бара љубов, внимание и желба за зачувување на условите за живот кои природата ни ги подарила. На Скопје не му доликува да биде нагрден со диви депонии, расфрлан отпад, уништено зеленило и искршени клупи – рече градоначалникот Шилегов на денешниот еко-хепенинг.

Тој додаде дека загадувањето на воздухот е најголемиот проблем со кој се соочува Скопје и за тој проблем треба да се грижиме сите заедно.
– Додека воздухот во Скопје е релативно чист, а грејната сезона е речиси зад нас, работиме на тоа еден по еден да ги елиминираме причинителите на загадувањето. Засадивме над 4.000 нови дрвја на зелените површини. До почетокот на новата учебна година средните училишта во градот ќе имаат нови енергетско-ефикасни фасади. Ова се само дел од мерките кои Градот Скопје ги презема за подобрување на квалитетот на амбиентниот воздух и за зачувување на животната средина – нагласи Шилегов.

На денешниот настан присуствуваа и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули, претставникот на УНЕП Искра Стојанова и постојаниот претставник на УНДП во Македонија, Луиза Винтон.

Годинешново одбележување на Денот на животната средина е посветено на глобалните заложби за намалување на загадувањето од пластика, а учениците овој ден го прославија со игри, песни и со едукативни активности.