- октомври 31, 2018
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Денес, Градот Скопје стана еден од основачите на иницијативата „Градовите за шумите“ (Cities4Forests), произлезена од Светскиот самит за Климатска акција, одржан во Сан Франциско во периодот 12 – 14 септември оваа година.
Cities4Forests е движење за катализирање на политичката, општествената и економската поддршка меѓу владите и граѓаните, за да се интегрираат шумите во урбаната и периферната средина и шумите во опкружувањето во плановите и програмите за развој. Учесниците заеднички стремат кон намалување на обесшумувањето, обновување на шумите, зголемување на бројот на дрвјата во градовите и поодржливо управување со шумите. Заедничка цел е да се засилат тековните најдобри практики и новосоздадениот однос меѓу градовите и шумите да се крене на глобално ниво на кое градовите и шумите ќе бидат во постојана интеракција.
Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов го потпиша официјалниот документ за пристап кон Cities4Forests на Светскиот ден на градовите (31.10.2018), прогласен од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, за кој активностите ги реализира Хабитат – Организација за домување на Обединетите нации. Оваа година мотото на Светскиот ден на градовите е „Градиме одржливи и отпорни градови“.
Градот Скопје со своите засилени активности за зголемување на зеленилото и негова заштита и реализираните и тековните проекти за одржлив развој и зголемување на урбаната отпорност во партнерство со УНДП, направи симболичен спој на овие актуелни теми и доби уште еден фронт за делување и соработка.
Повеќе за овие активности, но и за можностите и бенефитите од иницијативата „Градовите за шумите“ можете да погледнете на официјалниот проект на www.zivotnasredina.skopje.gov.mk.