Електромобилноста во фокусот на денешното одбележување на ЕНМ 2018

Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 денеска продолжи со традиционалниот саем во Техничкиот кампус на електрични возила со презентации на електроавтомобили и е-скутери, како и презентација на фирми што користат електрични и хибридни возила. Учесниците и посетителите на саемот имаа можност да се придружат на електроконвојот што возеше до Порта Македонија.

Во Салата на Советот на Град Скопје се одржа презентацијата „Транспортот во градот и животната средина“ за проекти од областа на транспортот, и тоа: Транспорт во Скопје, реалност и предизвици; Патека кон зелен транспорт; Транспортот низ климатски очила; Возниот парк и емисиите и Одржлив нискојаглероден транспорт.

Во CO&WORK Hub на улицата Шумадиска број 7А во 19 часот ќе се одржи TEDx настан на тема Иднината на транспортот.

Во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 утре (21.09.2018 година) ќе се одржи големото велосипедско дефиле „Во град без автомобил“.

Велосипедското дефиле ќе започне во 10 часот пред Порта Македонија и ќе се вози до школка во Градски парк.

Рутата ќе се одвива по следните сообраќајници: улица „Димитрие Чуповски“ до булевар „Кочо Рацин“ (се врти лево), булевар „Кочо Рацин“ – булевар Крсте Мисирков (се врти лево); булевар „Гоце Делчев“ се врти лево и се продолжува по булевар „ВМРО“ (се врти десно); булевар „Партизански одреди“ до булевар 8-ми Септември(се врти десно); булевар „8-ми Септември“ се врти десно по булевар „Илинден“.

Настанот ќе заврши со музички хепенинг на школка во Градски парк.

Градот Скопје ги информира граѓаните дека за времетраењето на велосипедското дефиле на посочените улици сообраќајот делумно ќе биде во прекин.

Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, а целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.