- септември 19, 2018
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 денеска продолжи со серија предавања за учениците од СУГС „Боро Петрушевски“ за развојот на велосипедскиот сообраќај во европските земји, за пилот проектот за намалување на урбаните топлотни острови и за безбедноста во велосипедскиот сообраќај. Ученици и професори од СУГС „Боро Петрушевски“ денеска беа во посета и на Центарот за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС).
Во Канцеларијата на УНДП се одржаа презентации за улогата на зеленилото во урбаната средина, зелениот катастар и новите мини-паркови во градот. Денешниот ден беше збогатен и со промоција на bicycle friendly компании.
Во CO&WORK Hub на улицата Шумадиска број 7А се одржа јавна дебата на тема подобрување на состојбата со одржливиот транспорт, а кај ТЦ Рамстор, пак, се одржа герила акција.
Во рамките на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 за утре (20.09.2018 година) се најавени повеќе настани со акцент на одржливиот транспорт. Така, во периодот од 10 до 13 часот во Техничкиот кампус ќе се одржи традиционалниот саем на електрични возила со презентации на електроавтомобили и е-скутери, како и презентација на фирми што користат електрични и хибридни возила. Учесниците и посетителите на саемот ќе имаат можност да се придружат на електроконвојот што ќе се вози до Порта Македонија.
Во 14 часот во Салата на Советот на Град Скопје ќе почне презентацијата „Транспортот во градот и животната средина“ за проекти од областа на транспортот, и тоа: Транспорт во Скопје, реалност и предизвици; Патека кон зелен транспорт; Транспортот низ климатски очила; Возниот парк и емисиите и Одржлив нискојаглероден транспорт.
Утре, во периодот меѓу 07:30 и 08:30 е закажано дружење со идоли и херои во автобус, со ликовите од цртаните на Дизни.
Во CO&WORK Hub на улицата Шумадиска број 7А во 19 часот ќе се одржи TEDx настан на тема Иднината на транспортот.
Градот Скопје ја реализира Европската недела на мобилност 2018 во соработка со невладините организации Македонски Зелен Центар, Еко Свест, ГОУ ГРИН, ПРВ ДО ВРВ и СМАРТ АП – лабораторија за социјални иновации. Оваа година, тема на Европската недела на мобилност е „Комбинирај и движи се“, а целта е да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација.