Велосипедот се уште најмудра опција за транспорт

Светскиот ден на велосипедистите оваа година Град Скопје го дочека справувајќи се со предизвиците на светската пандемија на коронавирусот која го наметна велосипедот како најбезбедно превозно средство од аспект на превентивната заштита од Ковид-19.

Во тек е јавниот повик за субвенционирање за купување на велосипед за жителите на Скопје кој градот ко распишува веќе неколку години по ред. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице – https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/subventsii/.

Годинава интересот за набавка на велосипеди е драстично зголемен, особено по појавата на епидемијата на коронавирусот, за што говори и фактот дека само во првиот ден од објавувањето на јавниот повик поднесени се 696 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед. Зголемениот интерес и почитувањето на физичката дистанца меѓу граѓаните коишто аплицираа резултираше со формирање редица подолга од 200 метри околу седиштето на Град Скопје.

До крајот на денешниов ден поднесени се вкупно 2.173 барања од граѓаните за субвенции за купен велосипед и 191 барање за купен тротинет. Ги охрабруваме граѓаните кои имаат интерес да поднесат барање за субвенции да го сторат тоа и во текот на утрешниот ден.

Во изминатите 2 години Град Скопје ја интензивираше изградбата на нова и реконструкцијата на постојната велосипедска инфраструктура што резултираше со годишен просек од околу 14 километри новоизградени и реконструирани велосипедски патеки и велосипедски ленти.

Град Скопје го следи примерот на повеќе светски метрополи кои како одговор на епидемијата работат на мотивирање на граѓаните повеќе да користат пешачење и велосипед како поздрави форми на мобилност во однос на автомобилскиот и јавниот превоз.

Во моментов се работи на изградба на велосипедски ленти на коловоз на улиците Св. Кирил и Методиј и 4-ти Јули, а велосипедски патеки се градат на булеварите АСНОМ и Киро Глигоров и на улицата Благоја Стефковски.

Новата велосипедска лента на улицата Св. Кирил и Методиј е со ширина од 1,5 метри, а е добиена со стеснување на постојните три коловозни ленти од 3,5 на 3 метри. На тој начин се добива побезбеден сообраќај преку смирување на автомобилскиот сообраќај, бидејќи ширината на сообраќајните ленти од 3 метри е идеална ширина за брзина на движење од 50 км/час колкаво што, впрочем,е законското ограничување на максималната брзина на движење на автомобилски сообраќај на градските улици.

До крајот на годинава се очекува да биде изградена нова велосипедска инфраструктура на булеварот Александар Македонски и на улиците Васко Карангелески, Франклин Рузвелт и Никола Парапунов.

Покрај брзата изградба на нови велосипедски патеки и велосипедски ленти на коловоз, во насока на превентивна заштита од коронавирусот, а со цел ослободување на повеќе простор за велосипедски и пешачки сообраќај како најбезбедни од тој аспект, Град Скопје го започна отстранувањето на 240 рекламни објекти (билборди и ситилајти) кои во минатото биле поставени на јавни површини кои го ограничуваат просторот за движење на велосипедистите и пешаците. Најголем дел од овие рекламни објекти биле поставени на јавни површини во централното градско подрачје, а дел од нив биле поставувани и на велосипедски патеки, спротивно на сообраќајните прописи.

Покрај овие рекламни објекти за кои постои договор помеѓу Град Скопје за приватните концесионери, предвидено е и интензивно отстранување на нелегално поставени рекламни објекти на јавните површини на повеќе локации во градот.

Во претстојниот период Град Скопје ќе ги продолжи интензивните активности во насока на развивање нова и унапредување на постојната велосипедска инфраструктура нудејќи практични сообраќајни решенија кои ги мотивираат граѓаните уште помасовно да го користат велосипедот како превозно средство во насока на постигнување одржлива урбана мобилност на долг рок.



1 Коментар

  • Зашто македонија нема фирма за производство на велосипеди и сега и е најнеопходна таква фирма. Вложувањето во ваков начин на превоз со производство на велосипеди за различни намени, за спорт а потоа за транспорт на луѓе и производи, велосипеди со две три и четири тркала како за превоз стари лица и градскиот центар на сите поголеми градови да се користат велосипедите и приколки на кои ќе можат производителите да нудат свои производи насекаде по населените места да се стимулираат да произведуваат здрава храна. Да се овозможи комуникација во градовите по образец на светските градови кои имаат веќе доволно искуство во тоа. Потоа електричните возила за лична и комерцијална употреба на 3 и 4 тркала, значи да вложиме да секој граѓанин може да има кога ќе посака велосипед било на мануелен или електричен погон за приватна или комерцијална употреба и да изградиме квалитет од кој прво ние ќе бидеме задоволни а потоа да ги искористиме и другите можности за создавање на ефтина електрична енергија која ќе овозможи поефтинување на останатите услуги во стопанството и туризмот да не зборувам за искористување на сончевата енергија која исто така треба да се прошири на ниво на државата со отворање на приватни компании како мали така и големи кои најбрзо целата држава ќе ја обогатат со ефтина енергија за различни намени.

Comments are closed.