- февруари 16, 2018
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
На 27ми Октомври, петок од 09:00 до 13:00 часот во просториите на УНДП, Скопје ќе се одржи првата од вкупно петте планирани работилници посветени на изнаоѓање на решенија за справувањето со проблемот со отпадот (со фокус на фазите на одлагање (фрлање) и собирање на отпадот од домаќинствата).
Овие 5 работилници се реализираат во рамки на проектот на Скопје Лаб (подржан од УНДП и град Скопје) за дизајнирање и тестирање на иновативни решенија за подобрување на состојбата со отпадот (со фокус на фазите на селекција и одлагање (фрлање) на отпадот од домаќинствата) и тестирање на едно решение кое ќе произлезе во процесот.
Целта на оваа прва работилница е да се презентираат податоците од теренското истражување кое беше спроведено со собирачите на отпад и домаќинствата од Скопје, и да се работи на сумирање и категоризација на податоците со цел да се дојде до интересни сознанија кои ќе го посочат правецот во кој треба да се размислува при дизајнирање на идните решенија во текот на следните 4 работилници. На крај ќе се разгледаат некои првични идеи за дизајнирање на системско решение за решавање на проблемот.
На оваа прва работилница, ќе учествуваат претставници од ромската заедница – неформални собирачи на отпад, граѓани, Град Скопје, ЈП Комунална Хигиена, Пакомак, Министерство за животна средина и просторно планирање, Министерство за труд и социјална политика, Агенција за храна и ветеринарство, Депонија Дрисла, граѓански организации и неколку приватни компании кои работат на собирање отпад вклучувајќи го и електронскиот отпад.
Работилницта е отворена и за граѓани па доколку имате интерес да се вклучите пријавете интерес за учество најдоцна до среда, 25 октомври на skopjelab@skopje.gov.mk.
Повеќе информации за проектот може да најдете овде.