Мониторинг – Животна средина

Мониторингот претставува систем на сукцесивно набљудување на животната средина, во простор и време. Негова цел е прибирање на квантитативни и квалитативни податоци за присуство и дистрибуција на загадувачи, следење на емисиите и состојбите , изворите на загадување и нивниот просторен распоред, транспорт на полутантите и одредување на нивните концентраци на одредени мерни точки.

Министерството за животна средина и просторно планирање има законска обврска да спроведува мониторинг на квалитетот на медиумите и областите на животната средина, а на општините и Градот Скопје им е дадена можност, според потребите и можностите, да воспостават локален мониторинг.

Градот Скопје ги користи резултатите од Државниот мониторинг на воздухот, но во 2011 година постави своја мерна станица во пешачката зона во центарот на градот, на ул.Македонија, чија главна цел беше информирање на јавноста за состојбата со воздухот. Заради повеќегодишните интензивни и непосредни градежни активности, станицата е дислоцирана, а во текот на 2018 година повторно ќе профункционира.

Во делот на управување со водите, Градот Скопје во соработка со УХМР спроведе голем и сеопфатен истражувачки мониторинг на површинските и подземните води што ги хранат изворот Рашче и бунарите Нерези – Лепенец, како и на површинските и подземните води во Скопскиот регион, паралелно со тоа и трасерски испитувања за староста и издашноста на изворите за вода, а потоа продолжи со континуиран оперативен мониторинг што на годишно ниво го спроведува ЈП Водовод и канализација.

Следење на бучавата во градот не се врши веќе повеќе години. Градот Скопје спроведува повремено индикативни мерења на бучава од сообраќајот, или во рамки на проекти.

Во областа на почвата, Градот Скопје спроведе мониторинг на загадување на почвите во Скопскиот регион со тешки метали, што се одвиваше во четири фази.

Програмите и резултатите од сите мониторинзи се достапни на страницата.