- октомври 26, 2018
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Климатските промени не носат само промени на климата, носат и многу други предизвици, од терминолошки до финансиски. Оној за кој зборуваме денес е комбинација на терминологија и финансии – Климатски финансии.
Според Рамковната Конвенција на ОН за климатски промени, станува збор за “Финансии кои имаат за цел намалување на емисиите на стакленички гасови и зголемување на отпорноста на човечките и еколошките системи во однос на негативните влијанија врз климатските промени”.
Кажано наједноставно – климатски финансии се средства наменети/потрошени за проекти/активности поврзани со климатски промени. Истите можат да бидат странски (донаторска помош/кредити) или домашни (издвоени од буџетот на Владата/општините). Дополнителна поделба е на јавни и приватни финансии.
Во нашата држава странските донации можат релативно лесно да се евидентираат. Но кога станува збор за средства издвоени од буџетот на Владата или општините, зборуваме за невозможна мисија. Предизвикот не е едноставен поради самата природа на климатските промени – комплексна и мултисекторска.
На пример, може да се каже дека изградбата на автопат е проект поврзан со климатски промени бидејќи ги намалува патничките километри, а со тоа и емисиите на стакленички гасови од потрошеното гориво на возилата. Но, ако тоа намалување на емисии не е причина за иницирањето на самиот проект и не е пресметано уште во фазата на дизајн на автопатот, тогаш не може да се каже дека станува збор за проект поврзан со климатски промени. Дополнително, и да се пресметани намалувањата на емсиите во фазата на дизајн, дали целата сума за изградба треба да се прикаже или само одреден процент?
Друг пример се проектите поврзани со енергетска ефикасност – секоја мерка за намалување на потрошената енергија ги намалува и емисиите на стакленички гасови.
Тоа значи дека само со евидентирање на буџетот за животна средина не може да се постигне многу. Активности/проекти за климатски промени можат да бидат од води, земјоделие, транспорт, енергија, енергетска ефикасност, зеленило, отпад, шумарство…. Но, од друга страна, ставките во буџетите се толку општи што може скоро целиот буџет да биде прикажан како домашни климатски финансии, но може и ништо да не биде прикажано. А реалната бројка е некаде на средина. Но како да се дојде до неа?
Токму оваа тема беше дел дискусијата меѓу 58 учесници на работилницата на Министерството за животна средина и просторно планирање и УНДП за подготовка на два нови извештаи за климатски промени. Климатските финансии се еден од предизвиците со кои државата се соочува при подготовката на Национални планови или Двогодишни извештаи за климатски промени. Државата е задолжена да извести колку средства примила од други држави или фондови (грантови, фондови, кредити, донации, билатерална поддршка) и колку издвоила од сопствен буџет или приватни фирми за климатска акција.
Во целата таа слика, Градот Скопје беше посочен како единствен позитивeн пример.
“Градот Скопје е единствена општина во Република Македонија која од 2014 издвојува конкретни средства во својот буџет за конкретни активности и мерки за ублажување на климатските промени. Со тоа ја покажува својата посветеност и долгорочен стратешки пристап кон ублажувањето на климатските промени и зајакнувањето на урбаната отпорност.”, изјави претставникот на Секторот за заштита на животна средина во Град Скопје и додаде:
„Конкретно, во буџетите на Град Скопје за 2017 и 2018 година за активности од областа на климатските промени, преку Секторот за заштита на животната средина се обезбедени и реализирани: 26.300.000денари, а за активности во други области, како што се: воздух, природа, зеленило, за проекти кои имаат директно влијание на адаптацијата на климатски промени уште 52.850.000 денари, или вкупно, 79.150.000 денари. Ако се земат предвид 31.306.000 за субвенции за набавка на печки на пелети за чистење на оџаци и 35.000.000 за реализација на зелени кровови, што е во тек, и претставува дополнителни средства од 66.306.000 или вкупно 145.456.000 денари. Реализираните средства во сферата на сообраќајот и енергетската ефикасност, кои овде не се пресметани, се дел од активностите и буџетите на други сектори на Град Скопје“.
Ова е уште еден пример за илустрација на проблемот за определување на климатските финансии, чие разрешување се очекува со востановување на соодветни индикатори со Законот за климатска акција, чија изработка беше најавена на работилницата.
Инаку, анализите направени во рамките на Вториот двогодишен извештај за климатски промени покажуваат дека Град Скопје обезбедува 1.42% од вкупниот буџет за активности за ублажување на климатските промени. Огромни напори се направени од страна на оваа институција во последните неколку години. Почнувајќи од подготовката на инвентар на стакленички гасови, акционен план за квалитет на воздухот, преку организирањето на Европската недела на мобилност, приклучувањето на глобалната акција „Час за планетата Земја“ (“Earth hour”), па до подготовката на Стратегијата за климатски промени „Отпорно Скопје“ (“Resilient Skopje”) заедно со UNDP, Град Скопје има сериозен придонес во активностите за ублажување на климатските промени.