- јануари 10, 2019
- Објавено од: Град Скопје
- Категорија: Новости
Во салата на Советот на Град Скопје денеска (09.01.2019 година, среда), се одржа презентација на Програмата на активности од областа на заштитата на животната средина и природата на подрачјето на Град Скопје за 2019 година, со цел запознавање на јавноста со планот на мерки што ќе се преземат во сферата на заштитата на животната средина.
На презентацијата свои излагања имаа Никола Наумоски, раководител на Секторот за поддршка на градоначалникот, Лилјана Ончевска Наџинска и Никола Јовановски, помошници-раководители во Секторот за заштита на животата средина на Град Скопје.
– Минатогодишниот буџет за животна средина на Град Скопје беше дотогаш најголемиот буџет издвоен за оваа намена. За 2019-та се предвидени 186,2 милиони денари што е 30% зголемување од минатата година, и со што се надминува ветувањето од 3,5% од вкупниот буџет посветен на животна средина дадено пред изборите во 2017-та година – изјави денеска во своето обраќање Наумоски.
Тргнувајќи од ставот за преземање сеопфатни активности во насока на обезбедување здрава животна средина во градот Скопје, треба да се нагласи дека во оваа сфера, освен Секторот за заштита на животата средина, се вклучени и други сектори од градската администрација. Секторот за комунални работи, каде што се опфатени зеленилото, јавната хигиена, управувањето со отпадот, урбаната зоологија, потоа Секторот за ЛЕР со Одделението за енергетска ефикасност, Секторот Инспекторат со инспекторите за животна средина и др., како и секторите кои индиректно, преку реализирање на своите ресорни активности, влијаат врз подобрување на животната средина, на пример Секторот за сообраќај, Секторот за меѓународна соработка и др.
Познато е дека градовите се главни мотори на националниот просперитет и економскиот раст, безмалку секаде во светот. Скопје не е исклучок во тоа и е главен мотор на националниот економски живот, но ваквата ситуација влијае врз квалитетот на животната средина и врз квалитетот на животот на граѓаните.
Промената на начинот на живеење, миграцијата на жителите од другите градови и региони во Скопје, како и дневната миграција во Скопје, каде околу 50.000 возила секојдневно влегуваат во градот, негативно влијаат на квалитетот на живот во градот и се причина за големата сообраќајна гужва и големото загадување на воздухот, особено во зимскиот период.
При пресметка на еколошкиот капацитет на градот, го пресметавме еколошкиот отисок, кој изнесува 8,1 глобални хектари по глава на жител, биолошкиот капацитет е 2,05, а еколошкиот дефицит е 6.06гха/глава на жител, што е далеку поголемо од многу поразвиени и поголеми градови од Скопје. Ова, градот го прави ранлив бидејќи постои: опасност од поплави, има високо ниво на подземни води, нецелосна подвоеност на фекалнта и атмосферската канализација, појава на ерозија и свлечишта (Водно и СЦГ), појава на топлотни бранови и топлотни острови во градот, трусно подрачје, опасност од технолошки катастрофи….
Поради сите наведени опасности во текот на изминатата година се изготвени: локални еколошки акциони планови за животна средина, План за подобрување на квалитетот на воздухот и Акционен план за вонредни состојби, Интегриран катастар на загадувачи на животната средина,Регистар на бунари за подземни води, Физибилити студија за намалување на ризикот од поплави, Студија за процена на еколошкиот капацитет со примена на еколошки отисок, Студија за климатски промени – Отпорно Скопје, Студија за намалување на урбаните топлотни острови, мониторинг на почви за загадување со тешки метали и нивна дистрибуција во растенија, Студија за ерозија со Акционен план, издавање Б – интегрирани еколошки дозволи и одобрувања на елаборати за животна средина, Студија за озеленување на градот, како и Студија за оформување зелени коридори, подготвителни активности за пречистителна станица за комунални отпадни води, мезометеоролошки мерења во градот, сообраќајот на 90 крстосници го управува ЦУКС (интелигентно управување), План за одржлив транспортен систем, обновен е возниот парк на ЈСП, Скопје велоград и rent a bike, електромобилност, Social Car, ЕНМ, проекти за зголемување на урбана отпорност, Студија за енергетска ефикасност и СЕАП, Студија за одредување на потенцијалот за користење обновливи извори на енергија, економично регулирање на топлинските станици на објектите во надлежност на градот, гасификација на СУГС и енергетски ефикасни фасади и светилки во осветлувањето и илуминацијата, член на заедницата на Здрави градови на СЗО, како и Годишнa програма за заштита на животната средина и природата.
Градот Скопје заложбите за заштита на животната средина и природата ги реализира преку активностите во годишнa програма на Секторот за заштита на животната средина во тесна соработка меѓу сите негови сектори, како и активна и непосредна соработка со граѓанскиот сектор. Во Програмата се опфатени: заштитата на амбиентен воздух, заштитата од бучава, заштитата на водите, заштитата на почвите, отпадот, климатските промени, зеленилото, заштитените локалитети, спроведувањето одредени законски процедури, проекти од областа на животната средина и здравјето и благосостојбата на луѓето.
Според донесениот буџет на Град Скопје за 2019 година, зголемен е буџетот за заштита на животна средина, каде што се планирани 186 милиони денари, што претставува речиси 32% повеќе од буџетот за 2018 година во кој за овој сектор беа предвидени 141 милиони денари.