За нашиот сектор

Историјат

Службата за заштита на животната средина на Град Скопје е формирана уште во есента 1985 година, во рамките на тогашниот Комитет за урбанизам и заштита на човекова околина, како аналитичко-планерско одделение, чија главна цел е вклучување на принципите и потребите на заштитата на човековата околина во процесите на носење на просторните, урбанистичките и деталните планови, но и во сите плански документи од различни сфери. Тоа е период кога сеуште не е формиран државен орган од областа на животната средина ниту е посочен како дел од друг орган и време кога не постои интернет, ниту информациите од Европа и пошироко лесно стасуваат до градските органи. Во такви услови и во соработка со останатите центри на поранешната држава службата успева да ја разбранува стручната јавност и да наметне повеќе решенија на различни проблеми, но резултатите не се соодветни на ангажманот, пред се поради сеуште неутврдените законски обврски на различни институции. Во тој период се успеа да се изготви широка и сеопфатна Програма на мерки и активности за заштита на човековата средина на подрачјето на градот со сосема конкретни активности и извршители и во текот на неколку години се наметна како обврска дури и за стопанските субјекти и институциите над кои Градот Скопје немаше ингеренции, која се реализираше и за која се изработуваа известувања за годишни реализации. Од особено значење се активностите за заштита на изворите за водоснабдување, разрешувањето на проблемите со опасниот индустриски отпад, заштита од ризикот од природни и технолочки катастрофи, заштита на културното наследство во регионот, како и изготвените иницијативи со протоколи за изготвување на студии за влијанија врз човековата околина од носењето урбанистички планови и реализирањето на поединечни објекти, што во тоа време не успеа да заживее на начин кој службата го предлагаше.

Во одреден период по осамостојувањето на Република Македонија, а во услови на наметната централизација на надлежностите, особено во областа на заштитата на животната средина, службата продолжи со широк дијапазон на активности, од кои добар дел беа од комуналната сфера, и тоа:

  • Одржување и подигање на јавното градско и вонградско зеленило
  • Одржување на комуналната хигиена на подрачјето на градот
  • Превентивна здравствена заштита, од аспект на урбаната зоологија
  • Заштита на природните вредности
  • Заштита на воздухот
  • Заштита на водите
  • Подигање на јавната свест
  • Учество и изработка на проекти со странски донатори
  • Уредување мали недефинирани простори
  • Надзор над изградба на споменични обележја и уредување на просторот околу нив,
  • Следење на почетоците на новите законски решенија на локалната самоуправа од една страна и сосема новите решенија во доменот на заштитата на животната средина и учество во работните групи за изготвување на новите секторски закони од сферата на животната средина.

Службата за свој успех во ангажиарњето во овој период го смета фактот што успеа да воспостави стандарди во работењето во поедини области, како на пример:

  • ја наметна и воспостави практиката за изготвување годишни програми за работа на јавните претпријатија од својата сфера и извештаи за нивната реализација, кои потоа, кога се создаде законска основа за нивно изготвување, прераснаа во програми за одредени комунални дејности со посочени извршители (ЈП Паркови и зеленило, ЈП Комунална хигиена, а своевремено и ЈП Дрисла),
  • Паралелно со тоа, успеа да изгради и негува професионален и колегијален однос со овие јавни претпријатија, што беше услов за успешно спроведување на активностите, како со раководниот, така и со стручниот кадар,
  • Во доменот на справување со животните скитници, во соработка со НВО се воведе начин на хумано третирање на бездомните кучиња, а воедно се внесе праксата за изготвување план и годишна програма за дејноста, што во периодот од 3 години кога Секторот беше надлежен, даде одлични резултати,
  • Во рамките на превентивната здравствена заштита со голем ангажман се успеа да се внесат стручни лица во процесот на аеросолната дезинсекција и дератизација и да се добијат позитивни резултати, со што се стави крај на дотогашната ригидна и недоволно професионална постапка,
  • Од крајот на овој период, посебно се истакнува изготвувањето и донесувањето на првиот ЛЕАП за Град Скопје во 2004 година, како основен документ на Градот од областа на животната средина, кој направи одличен пресек на состојбите и потребните активности.

прочитај повеќе

Во тој период, службата прераснува во одделение во тогашниот Комитет за урбанизам, комунално-станбени работи, сообраќај и заштита на човекова околина.

Во рамките на сеуште актуелниот процес на децентрализација и пренесувањето на голем дел на надлежностите од централно на локално ниво, Градот Скопје се здоби со бројни нови задолженија, дадени со Законот за Градот Скопје. Во тој смисол, Градот Скопје доби надлежности за заштита, преземање мерки и спречување од загадување на водата, воздухот, земјиштето, заштита на природата, заштита од бучава и нејонизирачко зрачење на подрачјето на градот.

Со операционализација на Одлуката за организација на органите на управата на Град Скопје, од 2005 година службата се осамостојува и продолжува да работи како Сектор за заштита на животната средина и природата. Карактерот на ангажманите на Секторот произлегува од актуелниот политички момент – усогласување на регулативата со онаа на ЕУ и усвојување на нови законски решенија со воспоставување нов интегриран пристап во решавањето на проблемите за зачувувањето на животната средина и почитување на повеќе начела, меѓу кои и она за превенција, од каде произлегува фаворизирањето на аналитичкиот аспект.

Надлежностите и активностите на Секторот, во многу мал дел се од оперативен карактер, заради што нивната реализација тешко може да биде квантифицирана. Во најголем дел тие се аналитичко-планерски, па за согледување на резултатите од работењето е потребен подолг временски период и произлегуваат од новите секторски закони за поедини медиуми и области на животната средина.

Ваквите поставки бараат обезбедени финансиски основи, како и други предуслови (соодветна техничка и кадрова опременост, оформена, опремена и функционална инспекција за животна средина, воспоставен ГИС и сл.), кои, во тој период, делумно беа  лимитирачки фактор за активностите на Секторот.

Пример за условите во кои функционираше Секторот во текот на 2006 и 2007 година се буџетите на Град Скопје за овие години, со кои за активностите од областа на животната средина беа предвидени 0,5% односно 0,6% од нивните вкупни износи, при што реалиацијата во 2006 година е сведена на минимум. Во тој период во практицирањето на своите надлежности Секторот се потпра на сопствените сили, при што не беа потрошени финансиски средства, што пред се се однесува на  планерски активности за заштита на медиумите на животната средина, оформување база на податоци за квалитет на воздух, вода за пиење, бучава, активности за подигање на јавната свест, заштита на природата, а особено во делот на интегрираниот пристап кон заштита на животната средина, кога се отпочнати активностите за спроведување на законската постапка за издавање на интегрирани еколошки дозволи и дозволи за усогласување со оперативен план.  

Од  2008 година, со веќе добиени поиздашни средства од Буџетот на Град Скопје, реализирани се повеќе активности, следните години буџетот постојано се зголемуваше, така да беа реализирани обврски согласно новата регулатива за животна средина, во областа на заштита на амбиентниот воздух, водите, почвата, од бучава и нејонизирачко зрачење, на природните реткости и др., како и работа на проекти.

Во годините што следат, Секторот е многу проактивен, инвентивен и креативен. Успева да реализира голем број проекти, многу активности, да учествува во повеќе проекти на национално ниво. Севкупниот опус на реализирани проекти и акивности е високо оценет, на сите нивоа и во сите прилики и во соработка со домашни и странски експерти и институции.

Во оваа, 2018 година, буџетот на Секторот за заштита на животната средина изнесува 3,32% од вкупниот буџет на градот, со напомена дека одредени активности што инаку спаѓаат во сферата на животната средина, се во надлежност на други сектори (енергетска ефикасност, управување со отпад, јавно зеленило, урбана зоологија и сл.), со што вкупниот износ наменет за зачувување на животната средина е значително поголем.

Области на делување