Информација за ниво на радиоактивност во животната средина на подрачјето на Град Скопје во 2018/2019 година

Сите живи суштества на нашата планета, вклучувајќи ги и луѓето, секојдневно се изложени на зрачење од природата или од човековите активности. Но, за тоа не сме свесни, затоа што немаме развиени сетила за регистрирање на зрачењто, па така не препознаваме кога сме изложени и на колкава количина на зрачење, а последиците ги чувствуваме дури по одреден временски период, од неколку часа до неколку денови, па дури и години, што зависи од видот, својствата на зрачењето и особено од количината на зрачење на која сме изложени.

Сепак, сите зрачења не се еднакво штетни и опасни. Додека нејонизирачкото зрачење главно предизвикува биолошки влијанија, како што се загревање на ткива и клетки, јонизирачкото зрачење е многу поопсно бидејќи има доволна висока енергија и можат да испорачаат висока доза (од фотони, електрони, неутрони) која може да изврши јонизација на материјалот низ кој поминува, односно исфрлање на електроните од клетките и молекулите во човечкиот организам.

Оттука е разбирлив човековиот страв, заради што познавањето на основните својства на јонизирачкото зрачење, взаемното делување на зрачењето со материјата и влијанието врз живите суштества, е особено важно. Непознавањето на овој феномен може да доведе до невнимание и несериозност во секојдневниот живот и работењето, во однос на можните озрачувања и последиците од нив. Од друга стрна, немањето егзактни податоци за состојбите може да предизвика создавање на неосновани стравови и неточни приказни кои можат да доведат и до дезинформации, па и до непроверени заклучоци за причините на разни проблеми.

Градот Скопје, со цел да добие веродостојна слика за состојбата со радиоактивноста во животната средина, склучи договор со Институтот за Јавно здравје на Република Северна Македонија, за едногодишно испитување на радиоактивноста во животната средина на подрачјето на град Скопје.