Следење на влијанието на загадениот воздух врз здравјето на децата на подрачје на Град Скопје
Најголемиот дел од загадувањето на воздухот е резултат на активностите на човекот и произлегува од лошо согорување на горива од фосилни горива или биомаса (на пример, издувни гасови од автомобили, домашни ложишта/печки на дрва и сл.). Урбаното надворешно загадување на воздухот се однесува на загадувањето на воздухот на кое е изложено населението кое живее во и околу урбаните области т.е. градови.
Урбаното надворешно загадување на воздухот може да биде важен фактор за квалитетот на воздухот во затворените простории, особено во високо вентилирани домови или во домови во близина на извори на загадување. Слично на тоа, изворите на загадување на воздухот во затворен простор можат да бидат важни причини за урбаното загадување, особено во градовите каде што многу домови користат горива од биомаса или јаглен за греење и готвење [1]. Глобално, урбаното аерозагадување (со суспендирани честички и озон) ќе продолжи да се влошува и е на пат да стане водечка причина за смрт ширум светот до 2050 година, како водечки ризик фактор од животната средина [2]. Како резултат на наодите базирани на бројните епидемиолошки студии и тековните научни сознанија, очекувано е дека состојбите со квалитетот на воздухот во Република Северна Македонија во последните неколку години ќе доведат до појава на штетни ефекти по здравјето на популацијата како и до економски загуби заради директни трошоци поврзани со зголемената побарувачка на здравствени услуги, употреба на лекови, апсентизам (отсуство од работа и училиште) и др.
По барање на Град Скопје и врз основа на склучен Договор, Институтот за јавно здравје спроведе истражување за влијанието на загадениот воздух врз здравјето на населението на подрачје на град Скопје со посебен осврт на детската популација.