Начин на намалување на ефектите на климатските промени во секторот “Водни ресурси”.
Извори за водоснабдување
Главните водоснабдителни извори за град Скопје, изворот Рашче и бунарското подрачје Нерези — Лепенец, пред 30-ина години се заштитени со одлуки за воспоставување на заштитни зони, врз основа на соодветни стручни, истражувачки елаборати. Во последниве години, со сите промени во просторот, се наметна потребата од изработка на нови експертизи и донесување нови одлуки за заштитните зони, односно нивно ревидирање. Експертизата за ажурирање на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези — Лепенец и определување на мерки за заштита, 2017 год и Експертиза за ажурирање на границите на заштитните зони на изворот Рашче и пределување на мерки за заштита, 2019 год, заедно со одлуките за потребите од воспоставување на заштитните зони, донесени од Советот на Град Скопје, се доставени до ресорните МЖСПП и МЗ. Во наредниот период се очекуваат нови правни акти за прогласување на ажурираните заштитни зони на бунарското подрачје Нерези — Лепенец и изворот Рашче со соодветни мерки за заштита.
Водата од водоснабдителниот систем на град Скопје е со исклучителен квалитет и истата се контролира од страна на Централната лабораторија на ЈП Водовод и канализација и ЈЗУ Центар за јавно здравје на град Скопје. Сепак, земајќи ги предвид актуелните климатски промени и непредвидливите последици што можат да настаат, Град Скопје и ЈП Водовод и канализација, веќе 4 години во континуитет спроведуваат проекти за истражување на алтернативни извори за водоснабдување, за кои е утврдено дека имаат соодветен квалитет. Се очекува предавање на завршната фаза Испитувања на квалитативните карактеристики на ресурсите на Кадина Река, Патишка Река и извор Врело за потреби за проектирање на техничка документација за користење на водата за водоснабдување (2019/2020), 2020 год.
Мониторинг на подземни води
Градот Скопје, уште во 2009/2010 година, спроведе Истражувачки мониторинг на површинските и подземните води што ги хранат изворите за водоснабдување — извор Рашче и бунари Нерези-Лепенец и на подземните води во Скопскиот регион, со изградба на пиезометриски мрежи во Полошката и Скопската котлина, што беше обемен и скап проект, но неизбежен заради осознавање на состојбите со водите. По неговото завршување, изведените пиезометриски мрежи се предадени на ЈП Водовод и канализација, кое од 2012 год спроведува континуиран Оперативен мониторинг на подземните води што ги хранат изворот Рашче и бунарите Нерези — Лепенец.
Со Програмата за санација на притисоците врз бунарското подрачје Нерези — Лепенец, составен дел на Експертизата за ажурирање на границите на заштитните зони на бунарското подрачје Нерези — Лепенц, предвидена е изградба на нови 13 пиезометри за подобрување на пиезометриската мрежа за мониторинг на ова подрачје. Веќе се изведени 3 во најтесната зона на бунарите, од страна на ЈП Водовод и канализација (Извештај за изведбата на пиезометри и вградување на автоматски мерачи — дајвери на локацијата на бунарскиот систем Нерези — Лепенец за потребите на ЈП Водовод и канализација, 2020 год), а во тек се подготвителните работи за Изведба на нови 10 пиезометри, од страна на Град Скопје. Активностите ќе се одвиваат следните месеци. Со тоа ќе се подобрат условите за мониторинг на овој водоснабдителен објект.
Заштита на подземни води
Заштитата на подземните води е примарна активност за обезбедување на квалитетна вода за пиење во град Скопје. Заканите се бројни и големи и се евидентирани во елаборатите за ажурирање на заштитните зони на двата водоснабдителни објекти, изворот Ршче и бунарскиот систем Нерези — Лепенец. Најголема закана за изворот рашче претставува можноста за загадување на подземните води од страна на историската депонија на комбинатот Југохром во Јегуновце, чие санирање не е во надлежност на Град Скопје. За таа цел, Град Скопје изготви Студија за редефинирање на хидролошката состојба на подземните води на просторот меѓу депонијата на Југохром во Јегуновце и река Вардар во контекст на заштита на изворот Рашче, 2020 год, како свој придонес во решавањето на овој проблем од страна на надлежното МЖСПП.
Поради присуството на потенцијалните извори на загадување во Полошката Котлина од една страна и Жеденскиот издан потенцијално загрозен од нив од друга страна, прашањето на безбедноста на квалитетот на водата од изворот Рашче претставува перманентен мотив за дефинирање на состојбите од тој аспект. Се има предвид близината на локацијата на индустриската депонија од поранешниот Хемискометалуршки капацитет — Југохром од Јегуновце која е во непосредна близина на Жеденскиот изразено карстифициран масив. Првата детекција на Cr+6 во локалните подземни води е уште во далечната 1970 год. Потврдена е контаминација насочена кон реката Вардар и Жеденскиот масив укажувајќи на можност за движење кон изворот Рашче.
За таа намена изведени се голем број на истражни дупнатини, од кои добар дел се оформени како пиезометриска мрежа, каде што може да се врши мониторирање на нивото на подземна вода и квалитетот. Сите изведени истражни и пиезометари се наѓаат по ободите на Жеденскиот масив. Внатре во масивот моментално не постои ниту еден пиезометар. За таа цел, Градот Скопје е во подготвителна фаза за Истражни работи и изведба на две длабоки пиезометриски дупнатини во Жеденскиот карбонатен масив, со цел на истражување на можностите, патиштата и времето на движење на Cr+6 од депонијата Југохром кон изворот Рашче. Активностите на терен ќе се одвиваат во следните месеци, а пиезометрите ќе останат како дел од пиезометриската мрежа за мониторинг на подземните води што го хранат изворот Рашче.
Управување со подземните води
Користењето на извонредно квалитетната, питка вода од изворот Рашче за стопански цели, е одамна препознаено како несоодветно и нелогично решение, но и загрижувачко по однос на неговата издашност. За таа цел, веќе подолг период, стопанските субјекти се охрабруваат да користат бунари за снабдување со подземна вода, за свои различни активности. Процесот на експлоатација на подземните води за различна намена, драстично почнува да се зголемува од 2010 година, со експоненцијален тренд на пораст, како во смисол на бројот на бунари, така и во однос на количината на вода која се експлоатира. Паралелно со тоа, се појави и дилемата до кој степен е можно користењето на подземните води од страна на различни субјекти, поради непознавањето на подземниот аквифер во Скопската котлина во целост, земајќи го предвид фактот дека последното сериозно истражување е направено за потребите за изготвување на Водостопанската основа на Скопскиот регион, која е донесена во далечната 1984 година.
За таа цел, направен е Регистар на бунари за стопански цели за град Скопје, 2017 год, а подоцна истражувањата се проширија и се изготви Регистар на бунари во Скопскиот регион, 2019 год. На овој начин опфатени се вкупно 318 бунари, што секако не е нивниот конечен број.
Врз основа на сите повеќегодишни истражувања, повеќегодишен мониторинг и изготвени студии, но и со дополнителни теренски работи, изготвена е Студија за подземни води на Скопскиот регион, 2020 год, документ од исклучително значење, со кој се согледани состојбите со подземните води од сите аспекти и се дадени насоки за понатамошно управување со нив.
Следна планирана активност на Град Скопје во секторот Водни ресурси, е изготвување на Стратегија за управување со водите на град Скопје, што се очекува да се буџетира за 2021 год.
Овој напис е дел од серијата објави: Град Скопје — урбана отпорност и климатски промени. Прочитајте повеќе за останатите сектори: Урбана отпорност – Здравство, Урбана отпорност – Природни ресурси и Јавно Зеленило,