Сонот на секое домаќинство е топол дом со мали трошоци за греење. Денес, на таа желба се надоврзува и потребата и стремежот на заедницата кон греење кое, освен што е евтино е и еколошки оправдано.
Од друга страна, потпишаните протоколи и европските директиви не упатуваат кон користење обновливи извори на енергија.
Еден од обновливите извори на енергија е биомасата, која опфаќа дрво, сено, одредени билки и што е најважно, сите шумски и земјоделски остатоци кои можат да се искористат за добивање енергија. Најприфатливи од нив за употреба се пелетите.
Греењето на пелети, кое може да одговори на наведените барања, е веќе повеќе од десет години раширено во западноевропските земји, веќе стана популарно и е препознаено од нашите граѓани како добро решение.
Што се пелетите?
Пелетите се тврдо гориво во форма на мали цилиндри, кои се произведуваат со пресување на остатоци од дрво. Бидејќи се добиени од дрво, лушпи и остатоци, пелетите се обновлив извор на енергија и при нивното согорување имаат исклучително низок степен на емисија на штетни гасови. При нивното производство не се користат никакви хемикалии или адитиви, а како сврзна компонента се користи лигнин кој доаѓа од структурата на самото дрво.
Бидејќи за нивно производство се користат дрвните остатоци од дрвната маса, пилевина, гранки, лисја и др. се намалува и можноста за ширење шумски пожари, а се намалува и сечата на дрвата што би се користеле за огрев.
Предности на пелетите
Предноста на користењето на пелетите е повеќекратна, и тоа:
- Поголема калорична моќност,
- Минимално загадување на воздухот,
- Продуцирање на помала количина пепел,
- Се продават во рефус варијнта, во кеси од 15кг, заради што набавката може да се одвива континуирано, по потреба,
- Не е потребен голем простор за складиштење и чување и сл.
Печките кои користат пелети имаат подобри перформанси од класичните:
- Имаат ефикасност поголема од 90%, за разлика од печките на дрва кои имаат 55% ефикасност, што директно влијае на заштеда на средствата,
- Имаат низок фактор на загадување (5мг/МЈ) за разлика од новите печки, шпорети и камини на дрва, кои имаат фактор поголем 9 пати (45мг/МЈ), а старите печки на дрва имаат фактор на загадување 20 пати поголем (околу 100мг/МЈ),
- Имаат поголем комфор на користење (нема потреба од често додавање на дрва на огнот, нема потреба од секојдневно чистење на пепел и сл.),
- Поседуваат тајмер и термостат, со што е овозможено планирано и самостојно палење и гаснење, нема грижа за да не се изгасне огнот, а температурата во просторијата може да се одржува по желба и сл.
Субвенционирање
Градот Скопје во континуитет презема активности и мерки за намалување на загадувањето на животната средина. Една од мерките, која е предвидена со Планот за намалување на загадувањето на квалитетот на амбиентниот воздух во Скопската агломерација, е субвенционирање на граѓаните за набавка на печки на пелети.
Градот Скопје започна со субвенционирање во есента 2016 година, потоа во 2017 година спроведе две фази, а во 2018 година ја реализира пролетната фаза, додека есенската е во тек. Во рамки на четирите реализирани кампањи доделени се 812 субвенции, што значи дека толку печки се набавени и се користат. За таа цел се потрошени повече од 24.000.000 денари. За последнава, петта кампања која е во тек, предвидени се 5.000.000ден.
Еколошка компонента
Во соработка со МАНУ направена е калкулација за намалувањето на емисиите на ПМ10 и ПМ2,5 на субвенционираните граѓани. Во пресметката се земени во предвид домаќинства кои се грееле на дрва со просечна потрошувачка на дрва од 8,3м3 дрва годишно (калорична вредност на дрвото според ДЗС 0,159 ktoe/m3, со емисионион фактор на печките на дрва од 740 g/GJ за ПМ2,5 и емисиниот фактор од 760 g/GJза ПМ10) и просечна потрошувашка на пелети од 3,26 тони годишно (калорична вредност на пелети според ДЗС 0,41 ktoe/kt и емисионен фактор на печките на пелети од 29 g/GJ за ПМ2,5 и ПМ10). Според направената пресметка може да се констатира дека емисиите на ПМ10 и ПМ2,5 се намалува дури за 96%.
Ако се двоумите, направете го вистинскиот избор: